Zrnca.Sinap.jpg

 БИГОР


КОГА ТЕ ДОНЕСОА беше како јагне. Мал, разбушавен, те извадивме од некаква кутија, мислам од масло дека беше. Тогаш за прв пат нè виде, нас, црнорисците од Зрзе. За прв пат го виде твојот дом, твоето стадо. Помнам, сите бевме возбудени заради твоето пристигнување. Во тоа време ретко кој го посетуваше денешново, со монашки живот обновено Зрзе.
Излезе од кутијата и го излеа твојот глас среде тивката планина. Залаја за да се претставиш, небаре пред многубројна публика. Те слушавме и ние и планината. Иако тукушто одделен од твојата мајка, не покажа слабост, туку храбро ја покажуваше својата независност. Веднаш знаевме дека си за овде. Нè издушка, како што е редот, а ние те погаливме по твојата сивка грива.
— Убаво кутре си — ти се обрати игуменот. — Да го чуваш манастирот и да ги плашиш дивите животни со твојот глас, ете тоа ти е работата. Така ќе го печалиш лебот. Додека има за нас, ќе има и за тебе.
Пролет беше тогаш, пролет е и сега. И сè е исто како и тогаш. Штрковите пристигнаа, птиците црцорат, водите од стопените снегови итаат кон полето правејќи бука низ шумата. Планинава повторно ја покажува својата пролетна разнобојна цветна облека. Сè мириса на живот. Браќата ја подготвуваат бавчата, селаните полето.
Утринава, минувајќи крај тебе, забележав дека се подготвуваш да заминеш. Се погледнавме, се поздравивме. По обичај, воопшто не се пожали. Младото шарпланинче, кое секој ден ти ја крадеше храната, денес ја беше оставило. Стоеше недопрена. „Знам, не ти треба храна за ова последно патување“, си помислив. Потоа заминав по својата работа. Беше пладне кога во манастирот пристигна веста дека си нè напуштил.
Смртта доаѓа како муграта. Кога таа ќе пристигне, човек станува свесен дека некој или нешто го исполнило своето време. И од тој исполнет миг извираат спомени исто како што извираат спомените за преспаната ноќ, кога очите ќе ја видат светлината на новиот ден. Денес се исполни твоето време. И еве нè сега, стоиме и те испраќаме во планината. И низ умот се претеруваат мисли и чувства за кои самиот не сум бил свесен дека се запомнети. И солзите сами се тркалаат по лицето. Ни омилеа и камењава во пустинава, Господи.
Во еден миг молскавично се собрале цели дванаесет години дружење. Во дел од секундата поминува секоја прошетка низ зрзеската планина, кога се запознававме со неа и со нејзините жители. Сите ги знаеше по нивниот мирис, и секому му лаеше со посебен тон. На зајачињата милно, на лисиците строго, а на волците гневно. Мала ни беше планинава тогаш, ниски нејзините врвови.
Наеднаш се враќаат сите зими кои ги помина под прозорецот од кујната. Честопати мислевме дека си смрзнат, дека си умрен, нодоволен беше само еден свиреж и веднаш ја креваше главата од под напластениот снег, барајќи го нашиот поглед.
Но, ете, овие солзи не се плод на спомените од минатото, мил манастирски песу. Јасно ми е зошто ме опфаќа толкава тага од оваа наша разделба. При нашите прошетки низ овие беспаќа, единствено ти, планината и небото бевте сведоци на воздишките по нашиот Бог. При нашите прошетки заедно го чувствувавме Неговото присуство, секој според својот дар. Ете, затоа солзите се леат по лицата на секој од нас пред твоето безживотно тело. Затоа плачеме и кога гори шумата. Оти и бесловесната природа е сведок на секоја средба со Творецот.
Отец Калин и Наум те закопаа крај патот кон стариот рудник. Тој дел од манастирската шума од тој миг доби за сите нас поинакво значење и име. Денес многу подобро ги разбравме зборовите на еден старец — дека не може да си го замисли рајот без своето куче.

еромонах Филип од Зрзе

22-ри февруари, лето Господово 2014