Црква

МПЦ , Честит јубилеј!
(45 години афтокефалија)
Македонијо, радувај се!

Во своето послание до Коринтјаните апостолот вели: кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи... (1кор.12,26) Со други зборови, ако се спасувам јас, се спасуваат сите со мене, а ако пропаѓам, пропаѓаат многумина заедно со мене. Ова кажува сè за природата на Телото Христово коешто е црквата – црквата како дом Господов (од грчкиот збор – киријакон), но истовремено и евхаристиска, благодарствена заедница (еклисиа) на сите нејзини членови,  крстените верници со силата на Светиот Дух. Слегувањето на Светиот Дух коешто се случи на денот на Педесетница во Ерусалим, воедно се смета за роденден на Црквата. Суштински, Црквата е основана од Самиот Господ Исус Христос за што сведочат неговите зборови: „А Јас тебе ти велам: Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. “ Мт 16,18.
Христијанството не може да настапува од позиција на сила.
Ако има сила, нема христијанство. Семоќта е втемелена на Вистината само во пројавата на нејзината кротка питомост, и тоа не е опозит на слабоста, туку е чистотата на Духот...
Готово е со мапите и териториите. Планетата Земја стана глобално село, а цивилизацијата којашто беше моќна и напредна само во пределите богати со житни полиња, се префрли на полето чијшто главен ресурс се вика ИНФОРМАЦИЈА...
Сега сме во царството на google, каде што нам христијаните единствено што ни преостанува е да потсетуваме дека знаењето без љубов не е знаење.
Љубов-та е онаа ронка на смиреност којашто на гордоста не ѝ ги дава крилјата на себичната самодоволност на бидувањето Бог без бога не затоа што не сака да дава, туку за да го превенира падот, или да го овозможи станувањето, да го олесни, кога веќе се случило...
Ние веќе на големо одиме по патот на расчистување на дилемите од типот – дали авторските права на Господ им припаѓаат само на „избрани-те“, или на сите? Дали правото на обожение (од нашата ера, во Христа) го имаат сите што ќе се родат од жена, или повторно за оваа лиценца се водат старите добро познати војни во областите како што се религија, политика, или евентуално, политичка теологија?
Знаењето не е светлина, туку светлината е знаење*, и оние што ќе ја злоупотребат познатата extra ecclesiam nulla salus, на начин што ќе ја впрегнат во некаков компетитивен дискурс каде што приматот го имале повластените на сметка на „недокажаните“, имаат проблем како што вели Христос, со гредата во своето око.
И се чини дека тоа е единствената пречка што не ѝ дозволува на светлината да го осветли и најтемното катче на овој свет, а не дека Сонцето на Славата не свети подеднакво за сите...
Со сета сила на љубовта спрема својот народ како место во срцето каде што се вмрежени сите луѓе на светов, сите кои во Христа се крстија и се облекоа, нека ни е за многу години јубилејот и нека ни се множат летата на растење во Христа, по молитвите на Пресвета Богородица, и Сите Светии, амин!

+++
Еден од најдобрите драмски писатели на дваесеттиот век, Семјуел Бекет(1906 – 1989), ја напиша можеби најдобрата драма некогаш изведувана во театарот на апсурдот – „Чекајќи го Годо“(1952). Дејствието од оваа драма и тоа како му погодува на нашиов контекст: балканскиот Годо е растргнат меѓу многуте нови чекалници што се отворија на нашиве простори: та трчка наоколу гонет од синдромот на непризнаеност. А Добриот драматург кој внимателно ја следи драмата од една невидлива ложа, еден кат погоре, знае дека драмите се прават за да се привлече нечие внимание; почитувајќи го законот на немешање ниту во заплетот ниту во расплетот заради ненарушување на интегритетот на слободната волја да се биде, без право на „или не“.
Во нашава балканска драма на меѓусебно полицентрично непризнавање во сите правци надолж и попреку, можеби главниот мит којшто допрва чека на темелно деконструирање е токму митот за Годо: оти, додека течела официјалната претстава, Годо дошол, ама зад кулисите. Мудреците му се поклониле, откако го препознале (по ѕвездата што паднала од „исток“) и од тогаш наваму овие две претстави течат симултано: објавената задкулисно каде што „сè се сврши“, и оваа на официјалната сцена каде што заеднички, во името на сè или ништо, ѝ се робува џанам, на историјата односно чекањето...
Е, Балкане мој: кога и еден Штулиќ немаше доволно трпение да ги испочитува сите пропорции на твоите раскошни идеали vis a vis чекањето, што останува за другите...

Извор: ПРЕМИН