Окупирај го Рајот...


Април, 2012. Пазарење на зелен пазар во центарот на главниот град на Македонија. Одбирам од малите домати, чинам сортата ја викаат „Шери“, му ги подавам на  човекот зад вагата, тој ги мери и добиената цена ја лепи на најлонот. Уф, не можам а да не изреагирам. Па ова чини колку еден грам злато. Што е тајната?
Госпоѓо, увозни се. Од Италија... љубезно, и истовремено резигнирано, вели продавачот.
Добро бе, толку ли немаме СВОИ домати?
Продавачот веќе е свртен кон другиот муштерија, а и онака моето прашање беше само реторичко... Зарем ќе се правам калфа наместо калфата, кога оваа земја си има свои ресорни министерства коишто си се занимаваат со овие прашања... и тоа претпоставувам 24 часа на ден. Јас и овој продавач сме алка во синџирот глобализациски проекти во светската економија...кога на секој чекор имате кинески продавници во кои наместо производи, ви се нудат алтернативи – супер евтина замена за чевли, за шапки, за торби, за локомотиви, за буквално сè што постои во вистинскиот свет – евтино е затоа што во некој кабинет некој во име на овој народ потпишал договор во кој со својот потпис потврдил дека во оваа земја живее народ кој е платежно немоќен, со ниски естетски критериуми што подразбира нос кој ќе може да ја истрпи миризбата на онаа рециклирана канцерогена пластика од која на другата страна на планетата се задушува евтината работна рака во вид на малолетници за кои нема закон, затоа што овој грев не е пропишан во декалогот. Тоа се дупки во законот, но некако се многу големи, којзнае што се не е напикано во нив... Нема таква царина на овој свет  што може да го препознае овој фалсификат. Затоа овие ефтини сувенирници ги прогласувам за down by the low...
Ладната насмевка на лицето на касиерката е следната етапа во проблемот наречен грижа на совест разбудена со прашањето: ако јас сега ги платам овие италијански слатки домати, дали за некој месец кога повторно таму некаде кај сарамзалино ќе оди на репертоарот „денови ли се денови, овие аргатски маки големи...“, со посебен осврт на перформансот – жртвување на два тони краставици поради ниската откупна цена, или компири, или тутун, ќе бидам соучесник во ритуалот? ... Ова е кошмар наместо земјоделие, и дали некогаш ќе се разбудиме со веста дека струмичката пиперка одлично се пласирала на пазарот во франција, шпанија, белгија...? На кого му е гајле за тие чесни, работливи,и веќе изнемоштени жртви на транзицијата што се обидуваат да преживеат од земјоделие? Каде е нивното достоинство? Изгоре под јакото сонце на новото македонско знаме...
Во контекст на темата што беше начната на почетокот, мене не ме интересира дали ти ќе спиеш со мирна совест во рамките или надвор од рамките на законот, драг мој пријателу, затоа што јас знам дека тој закон е концепт што постои само во твојата глава. По пат на конвенција, можеби исто така во главите на уште два милиона како тебе. Во некоја друга земја каде што се зборува на некој друг јазик, во нивните глави се мантраат други закони, во согласност со нивните обичајни права. Некаде престапниците ги каменуваат, некаде ги камшикуваат, некаде имаат и закони за помилување..., пред да ги спржат на електрична столица... Мене, драг мој, ме интересира пласманот на нашиот домат, компир, тутун... и до кога тој кинески ѕид ќе ѝ се заканува на нашава Виа Игнација?
Единствен вистински грев според мене, е незнаењето. Адам и Ева, во Рајот имаа сè. Освен што не го знаеја тоа. Го дознаа како последица на гревот, губејќи ја невиноста. Рајот е Бог. Заедницата со Татко. Богатството. Изобилието. Кој по ѓаволите, би сакал да излезе од рајската заедница?
Туристичка агенција – Глобал. Адам купува два билети. За на море во ..... па некоја да речеме чкљ земја од типот .... тринидад и тобаго... и, целиот среќен, сакајќи да ја изненади Ева, ѝ го дава подарокот... Ева само што го скинала јаболкото.
Абе миличок, зошто си купувал карти, па дома ни е најубаво. Ова е нашиот вечен одмор, имаме сè и имаме засекогаш...
Ама, мила, замисли си, тринидад, и тобаго...мммм.....
Единственото нејасно во приказнава е што симболизира змијата, од каде се појавува она во рајот и како Адам наседнува на нејзините глобалистички финти?
Одговорот се крие кај шефицата на конкурентската туристичка агенција Атлантида. Тоа во следната епизода.

 19 мај 2012 год.