Седум телесни дела на покајанието (23.04.2012)


Во праксата на Отците се наоѓаат седум телесни дела со кои се зацврстува покајанието.

     Како прво дело на покајанието Отците го наведуваат тихувањето. Тоа е стабилен начин на живот. Тихувањето е оддалечување од причините, кои создаваат препреки за пад и неволји, чие обележје е слабоста, но и кои „рикаат како лав и бараат некого да изедат“ (1 Пет. 5, 8). Со тихувањето подвижникот се оддалечува од празните и бесцелни грижи, и тоа му овозможува, ако сака, да ги насочи своите мисли и дела кон Бога, Кој го просветлува со Својата благодат и со помош на која се спознава самиот себе, што и е негова незаобиколна должност.

     Второто дело е постот. Со него се победува и зауздува една од најголемите причини за нашата пропаст – стомакоугодувањето – лутиот соборец на природата и ѓаволот. Со стомакоугодувањето ѓаволот ги поробува поголемиот дел од своите жртви. Колку е неопходен постот ни покажа Самиот Господ, Кој заради нашето обновување го прифати веднаш по крштевањето во Јордан. Кој сега може да ја оспори неопходноста од ваквото покајание, пресоздавање, воскресение, спасение? Ако постат оние кои се воздржуваат од гревот и кои се бестрасни, и постат долго време, кој ќе се оправда со сопствената немоќ? Нема да зборувам за подвигот со жедта, кој во искуствата за воздржување се покажува како најдобро оружје против беззаконските желби.

     Светите Отци го препорачуваат и бдеењето, како трето дело. Тоа е основа на просветлувањето и ја раѓа молитвата. Наситеноста од сон веднаш го нарушува здравјето на умот. Исто така, ја намалува и добродетелната способност на разумната природа да расудува, одбира и извршува она што е потребно за подвигот. Бдеењето, кое Отците отсекогаш го љубеле, секогаш и претходи на подвижничката борба. Познати се големите подвизи на Отците во бдеењето. Секогаш пребивајќи во оваа корисна добродетел, која во себе ги соединува најдобрите од сите добродетели и од која зависи како „умот гледа и слуша“ и како избира и извршува.

     Четврто и петто дело, според Отците се молитвата и псалмопеењето. Всушност, ги разделиле молитвените дела, толку важни за целиот добродетелен живот, на две. Со името молитва го означиле внатрешното мислење и разговор со Бога, насамо. Таму секој се отфрла самиот себе пред Божјото умиление и добрина, и со искрена исповед, молитва, преколнување, или благодарност, ја принесува својата болка и желба за „можно спасение“ од Христа, нашиот Бог. Псалмопеењето се извршува на групните собирања на верните. Со пеење на химни се извршуваат најсвечените молитвословија, и ова е најдобро и најпогодно за народот.

     Шести дел, Отците го нарекуваат читањето и изучувањето на заповедите, кои треба да ги извршуваме во нашиот духовен живот во Христос. Христовите зборови: „кој внимава на Моите заповеди“, значат ова: да ги спознае и разбере Моите заповеди, и Мојата волја, и потоа тоа да го извршува. Тој е „оној кој Ме љуби“. Во Мојсеевиот закон, Бог посебно заповедал изучување на Неговата волја и нејзино познавање, за она што е задолжение, правилно да се извршува. „Во законот Негов, дење и ноќе се поучува“ (Пс. 1, 2). Една од најважните работи за оној кој сака да се ослободи од непријателот кој „рика како лав“, според Павле, е тоа „што неговите намери не ни се познати“ (2 Кор. 2, 11). Бидејќи, Божјите пријатели и слуги „не по своја волја, туку преку Светиот Дух говореа и пишуваа“ (2 Пет. 1, 21), над сè, должни сме да ги истражуваме и извршуваме нивните зборови и писанија, заради полнотата на просветлувањето и запознавањето со невидливата борба која постојано се води.

     Отците, седмо дело го нарекуваат испитувањето на секој збор и дело. Со помош на ова се утврдува смиреното мислење. Така исчезнува самозадоволството и неискуството. На „смирените“, пак, Господ со Својата благодат им дава просветлување. Целта на сите овие настојувања и подготовки е смирението, за „ниту да кружиме, ниту да очајуваме“ заради сè што по навика ни се случува; било добро, било лошо.

 

Извор:МПЦ