Старец Ефрем Филотејски

Со Христовото послушание сме спасени, а со Адамовото непослушание сме фрлени во пеколна бездна. Патот на послушанието навистина води на Голгота. Тој е нагорен и искачувањето е малку напорно. Ќе се потиме и ќе се уморуваме, но сепак да помислиме дека по воскресението ќе ги стекнеме чистотата на душата и восиновувањето и дека тоа богатство не може да се спореди со никакви овоземни наслади. Што зборувам јас? Со земните нешта! И сиот свет кога би го продал, човекот не би можел да купи ниту една капка од духовната радост на душата што се искачила на Голгота и го видела своето сопствено воскресение.

***

Ние не можеме ништо друго освен да се присилиме себеси, освен постојано да се присилуваме. Над сè, би требало да се трудиме во молитвата и непрестајно да изговараме: “Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Треба да ја кажуваме молитвата веднаш откога ќе се разбудиме изутрина. Потоа треба своите работи да ги вршиме со името Исусово на усните. Ако вака ја кажуваме молитвата, ќе ги одбегнеме празнословието, многузборливоста, осудувањето, гневот и роптањето и притоа секој од нас ќе тихува внатре во себе.