19042009

Исто така, потребно е човек да биде доволно внимателен, за да не падне во опасното привидно смирение и заблудено смиренословие, кои се манифестации на наивниот горделивец и лукавиот себичен човек. Изобличувањата го испитуваат нашето смирение. Смирениот човек жали при пофалбите, се радува на презирот и останува невознемирен кога го онеправдуваат. Но, ова совршенство на смирението не се постигнува веднаш, постојат фази и степени, кои внимателно и трпеливо е повикана да ги помине секоја богољубива душа што копнее за своето спасение.

Нашите пројави ја  откриваат висината на нашата состојба. Еден човек кој лесно се гневи, се дразни, се вознемирува, се плаши, се тревожи, сè уште е многу далеку од нераздразливоста, трпеливоста, невознемиреноста, спокојството и бестрашноста на смирението. Самиот наш живот треба да сведочи за живиот Христос, смирен и кроток, Којшто живее во нас. Тогаш се излишни зборовите за смирението на многузборливите горди и недостојни Христијани и привидното смирение на истите празни Христијани, што е, се разбира, најлошата форма на гордост, според Свети Јован Златоуст.

Тука е неопходно да се нагласи дека сите современи еретици, како следбеници на постарите, демонстрираат еден многу смирен и чист живот, кој многу природно стои далеку од вистинското смирение. Тие имаат за цел, преку нивното намерно очигледно смирение, „за да ги видат луѓето“ – да ги привлечат другите во нивната лажна доктрина. Сите еретици низ вековите, под изговор на смирение и строгост (акривија), не направиле ништо друго, освен да го задоволат својот егоизам. Истото го прават и денес неискрените толкувачи на Божествените Писанија.

Но, како, сепак, ќе го придобиеме блаженото смирение и како ќе ги направиме нашите срца чувствителни, за да можеме да го примиме? Треба директно да кажеме дека мора да ја отстраниме нашата голема леност, да придобиеме вера, надеж и доверба во Бога, да ги побараме молитвите на светците, на сите оние кои го имаат за свое трајно и безбедно поседување – смирението и со дух на борбеност, разумност и жртва да продолжиме напред.

Да оставиме, исто, место нас, неискусните, да зборуваат светите и богопросветлени наши отци. Свети Василиј Велики вели дека животот на Христа е најдоброто поучение на смирение. Исто така, лекција за смирение ѝ предава на душата сеќавањето на смртта. Тогаш, сакале или нејќеле, гордоста на смртната и минлива личност што минува низ овој живот се снижува, се смирува себеси.

Свети Јован Златоуст, чијшто живот, според неговиот тропар, „ни ја покажа висината на смиреномудрието“, смета дека изобличувањата од другите се големо добро за нашиот духовен напредок. Исто така, сеќавањето на нашите гревови не нè остава да се возгордееме. Според светиот отец, за смирението допринесува и постот.

Преподобен Ефрем Сирин, во своите подвижнички слова посочува дека не само монасите кон својот старец, туку и сите кон сите треба да пројавуваат силно послушание, кое, несомнено, води кон смирение. Непотребно е да се каже дека послушанието кон сите не значи непослушание кон Господа.

Свети Исак Сирин посветува многу страници од своите сочиненија на добродетелта на смирението. Меѓу другото, тој вели дека оваа добродетел ќе се стекне со доброволна ништожност, скромност и попустливост, општење со смирени луѓе, сеќавање на нашите гревови и посета и служење на болни и на немоќни. И, кога со Божја помош, ќе го придобиеме смирението, нема да сакаме да се одделиме од него, бидејќи неопислив мир ќе ја преплави душата, блескава чистота – умот и ослободувачко блаженство – целиот наш живот. Сите отци од пустината се согласуваат дека самопрекорувањето е еден од најдобрите начини, не само да стигнеме до смирение, туку и да го одржиме. Но, и тука е потребно да се стори тоа со посебна грижа и внимателност. Авва Марко вели дека „духовните луѓе, дури и кога им се прави неправда, се прекоруваат себеси затоа што мислат дека некогаш грешеле во нешто и (така е) подобро, затоа што сега плаќаат за тоа“. Достоевски вели дека „светот е зол, затоа што јас сум лош“. Да повториме дека самопрекорувањето нема никаква врска со безумното привидно смирение. Тоа има големо значење. Бидејќи според Авва Варсануфиј – самопрекорувањето е таинствен, внатрешен и претежно скриен труд, додека формалното смиренословие е надворешно и предизвикува суета. Самопрекорувањето исцелува, а смиренословието (т.е. смирението на зборовите) уште повеќе го разболува болниот.

Но, зошто  да се изморуваме и да се измачуваме себеси со сето ова, кога и нашата епоха, исто така, многу ни отежнува и постои опасност да паднеме во песимизам, меланхолија и да се оддалечиме од нас самите и од Бога? Еве едно прашање што лесно се јавува кај нашите современици. Се разбира, држи свое место. Ќе одговориме накратко. Познато и сигурно е дека болката што ни ја даде гревот може да се лекува само преку болката на аскезата (Свети Максим Исповедник). Дури и современите сериозни психолози директно го отфрлаат овој страв, велејќи дека човекот кој ги препознава своите грешки и ги признава своите слабости и се обидува да се поправи, не може да биде завладеан од чувство на помала вредност и од песимизам.

Во животот на Светиите јасно ја гледаме моќта на смирението. Свети Антониј Велики вели: „Ги видов сите мрежи на непријателот положени на земјата, и со воздишка реков: кој може да ги избегне? И слушнав глас кој ми одговори: Смирението“. Свети Макариј претрпел демонски напад, но не бил победен. Заминувајќи си, демонот му рекол: твоето смирение ме победи!

    “ Ги видов сите мрежи на непријателот положени на земјата, и со воздишка реков: кој може да ги избегне? И слушнав глас кој ми одговори: Смирението

– Свети Антониј Велики


Делото на смирението, неговата главна работа е да се бориме против страстите и нивниот поттикнувач – ѓаволот. Тоа брзо ќе го подигне немоќниот смирен човек, за да го поврзе посилно со Црквата, да го направи мирен, да го возвиши и да го спаси. Таму каде што пребива смирението, според Свети Јован Лествичник – не постои лицемерие, обвинување, лукавство, непријателство, спротивставување, непослушност и непокорност, освен по прашањата на правилното исповедание на верата. Смирениот е кроток, љубезен, сочувствителен, милосрден, милостив, сочувствителен, тивок, трпелив, незлоблив, радосен, невознемирен, буден, неуморлив, бестрастен.

Основата на смирението, вели истиот Отец, е доброволна сиромаштија, незабележителност, сокривање на мудроста, неукрасено зборување, криење на благородното потекло, оддалечување од дрскоста и од многусловието. Тој објаснува дека кога велиме сиромаштија, мислиме на човек кој живее сиромашно и едноставно во својата храна и облеката и во сè што користи. Сокривањето на мудроста е човек да не се открива себеси за пофалба, дека има многу знаење и добродетели. Неукрасено зборување е да не сака да употребува истенчени фрази и да не зборува лицемерно. Сокривање на благородното потекло е да не се гордее што потекнува од големи, благородни и блескави предци и славен град. Многу мудриот Свети Григориј Ниски се грижел за животните во манастирот на Света Макрина. Неговата Сесветост, Патријархот Нифонт имал како послушание во манастирот Дионисијат да се грижи за шталата.

Светителот Чудотворец од нашиот век, Свети Нектариј Егински, тајно ја чистел Богословијата Ризариу ноќе, и покрај тоа што бил нејзин директор. Оддалечувањето од дрското говорење и од многусловието значи дека човекот не се осмелува да го прави она што му се допаѓа, да не парадира со знаење и богатство, да не кажува многу и излишни нешта, туку да биде задоволен со малото, умереното, неопходното. Душата се смирува лесно кога човек ќе се научи да живее бедно. Исто така, покажуваме дека навистина Го сакаме Бога, кога можеме да имаме титули, но ги избегнуваме од љубов кон Христа. Многу византиски императори и православни владетели ги замениле кралските круни со смирената монашка схима.

 

Избор и превод на текст: Наташа Наумоска

 Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-bozhestvenoto-smirenie-vtor-del/

 

Друго: