sreda.sv.petka4.jpgМожно ли е, имаат ли луѓето сила за она кон што ги повикува Евангелието? Бидејќи човекот, дури и кога ќе го засака идеалот, честопати не наоѓа во себе сили да се искачи до него. Друга моќна сила владее со него наведнувајќи го кон земјата; и човекот му служи на мамон. На вратот носи камен на неспокојство и драгоцените денови што му се на располагање ги минува грижејќи се за безвредни нешта. На човекот од овој свет му е појасен гласот на оној кој го искушувал Исуса во пустината. Тој е готов да живее „само за лебот". Нему му требаат чуда и е пијан од насилство. Денес луѓето кон Бога приоѓаат со срце исполнето со користољубивост и егоизам. И навистина, туѓо звучат во нашиот немирен и заблуден свет зборовите: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен." (Мат. 5,48)

Кој може да го покаже патот кон царството Божјо? Кој ќе го поведе човекот кон него?

Во Стариот завет луѓето верувале дека само Семоќниот го прави невозможното. Кога Он е меѓу својот народ, Он го прочистува и му дарува духовни сили. Рабините ова мистично присуство го нарекувале шехина58, невидливо излевање на божественото што доаѓа во светот. „Ако двајца или тројца се собрани за проучување на Законот - велеле мудреците, шехина пребива меѓу нив" (Авот III, 2). Тоа била тајна пред чиј праг запирале најголемите мудреци на Израилот. Бидејќи блискоста Божја е неподнослива за огревовениот човек. Само љубовта на Суштиот, која ги победува си-те препреки, може да го спои неспоивото.

Но ете, луѓето го слушаат словото на Исус Назареецот: „Каде се двајца или тројца собрани во мое име, таму сум и Јас посреде нив." (Мат. 18, 20)
Кој ли е тој, кој себеси се става на местото на Божјата шехина? Себеси се нарекува Син Човечки, како што честопати се именувале обичните смртници, а притоа Учителот самиот јасно сведочи дека во него се исполниле ветувањата на пророците:

„Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат; и ушите ваши - бидејќи слушаат; зашто, вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја." (Мат. 13,16-17)

Значи, тој ли е Месијата? Долго очекуваниот утешител на Израилот? Дали може дури и Месија да ги простува гревовите како што прави Исус? Може ли Он да биде повеќе од Храмот? Зошто се нарекува „господар на саботата" и го менува она што го оставиле во завет отците и самиот Мојсеј? Сите овие прашања ги збунувале старозаветните луѓе.

Сите биле сведоци дека Исус проповеда како оној кој ја има власта, а не како книжниците и фарисеите. Во Капернаум, пак, од првите денови жителите на градот биле вчудовидени од „неговото учење, затоа што неговиот збор имал власт". Од каде, се прашувале тие, е таа власт што ги надминува авторитетите на истакнатите богослови и чувари на преданието на Заветот? Како да се разберат неговите зборови: „Јас ви велам..."? Со кое право тој ги отфрла поставките на Тората и на нивно место се става себеси?

Тешко е да се помисли дека мудриот, кроток и полн со смирение и љубов Учител е совладан од празното себесоблазнување. Што, во тој случај, значи претензијата да се биде „возљубен Син на Отецот"? Најпосле, Он сите верни ги нарекува „синови", но дава недвосмислено на знаење дека неговото синовство е поинакво. Исус никогаш не вели „Отец наш". Он е единствениот Син и Господ на Царството, нема човек што би можел да биде рамен на него. Неговата власт е исклучителна.

„Се ми е предадено од мојот Отец и никој не го познава Синот освен Отецот; ниту Отецот не го познава никој освен Синот и комушто Синот сака да го открие. Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го мојот јарем59 на себе и поучете се од мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот мој е благ и бремето мое е лесно."(Мат. 11,27-30)
_________________
58 Шехина (арам. „блиско присуство") е богословски термин со кој рабините го означувале присуството Божјо во светот. Овој термин се појавува околу I век по Христос и е соодветен на христијанскиот термин „благодат" или дејствување на Светиот Дух. (Забелешка на редакторот.)
59 Во дадениот контекст зборот јарем може да означува духовен ТРУД и подвиг. Но истовремено треба да се одбележи дека во еврејскиот Јазик овој збор честопати бил соодветен на поимите учење, навестување.
 
Исус не е само Пастир, Он е вратата, низ која влегуваат овците на „малото стадо", Посредник кој ги сврзува небото и земјата. Никој - вели Он, не доаѓа кај Отецот, освен преку него. (Јован 14, 6)

Многумина Јудејци верувале дека освен Месија-цар ќе се појави и Месија-првосвештеник и Месија-пророк. Исус, пак, во себе ги соединува сите тројца. Он е Пророк и Свештеник и Цар. Он е Помазаник, кој владее со сета полнота на власта.

Но зошто тогаш дејствува толку претпазливо? Зошто ја крие од народот својата вистинска мисија забранувајќи да го нарекуваат Месија?
Учениците преминувале од недоумица во тревога и од увереност во сомневање. Но љубовта, длабоката човечка приврзаност и довербата кон Учителот биле посилни од сето друго. И тие трпеливо продолжиле да ги чекаат идните настани.

протопрезвитер Александар Мењ

ХРИСТОХ

Издавач: Ѓаконија и скопска епархија

Посети:{moshits}