Распетие

Во многувековната човекова трагедија се крие по еден крст за секој од нас. Неговите причини понекогаш се наоѓаат надвор од нас, во општеството или природата, а понекогаш во самата човечка склоност кон гревот, кој човекот го одвлекува во болни падови. Понекогаш пак, причините се резултат на нашето војување со злото кое владее во светот.

Крстот може да биде реалност за нашето семејство, или нашата работа, или пак нашата положба во општеството, а може и да нè снајде преку нашето телесно, душевно и духовно здравје, или да се сруши врз нас преку серија на вратоломни несреќи што го поткопуваат самото наше постоење.

Значи, дали овие крстови се јавуваат поради нашите сопствени гревови, каков што бил случајот со крстот на разбојникот? Дали ни се дадени за да ја искушаат нашата вера, каков што бил крстот на многутрпеливиот Јов, или пак за да го зајакнеме нашето уверување? Нема смисол до толку да ја истражуваме конкретната причина за нашата болка или, уште почесто, причината за долготрајното искушение во нашиот живот.

Но, бидејќи сме го прифатиле крстот, каков и да е, има причина да го искористиме за да напредуваме во доброто. А доброто – тоа е богопознанието и заедничарењето во животот вечен.

На овој или оној начин, човечкиот живот е крст. Ова важи и за оној кој верува, и за оној кој не верува, за праведниот и неправедниот, за оној кој успеал во општеството, и оној кој се наоѓа на маргините на истото. Меѓу нив постои само една единствена разлика, и таа лежи во присуството на смисол во согледувањето и доживувањето на вистинскиот живот зад неговите пројави. Така постои крстот кој живототвори. Тоа е крстот на оние кои се гладни и жедни за правда. Постои и мрачен крст, а тоа е крстот што ја претставува духовната смрт, крстот на разбојникот од левата Христова страна. Разликата меѓу нив ја прави и определува човечкото настроение.

Неопходно е да водиме сметка за следното: да не, можеби, крстот и неподносливата болка произлегуваат од нашата сопствена злоба. Егоизмот, зависта, неправедноста, лагата, богатењето и пред сè, непокајанието, односно нашето свесно и цврсто врзување за злото, творат крст на којшто ние самите себе се распнуваме, а Бог да не го сака тоа. Човечката злоба, во секој свој облик, претставува смрт и мрак. Со изборот на местото на разбојникот од левата страна, нашиот крст добива предвкус на пеколот.

Кога го бираме местото на разбојникот од десната страна, т.е. местото кое ги отвори дверите на рајот, нашиот крст точи светотаинска благодат од царската жртва. Тој крст станува извор на вечен живот: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јн. 6, 54). Но, никако не смееме да заборавиме дека во нас се наоѓа распнатиот Богочовек. Негов Крст е јаремот на праведноста. На тој начин нашиот живот засекогаш се соединил со Неговиот Крст. Тој „лежи за паѓање и подигање на мнозина“ (Лк. 2, 34). Поради тоа, преку тој Крст бива сè она што ни се случува. Тој е знак и символ на нашето спасение и нашето ослободување од сопствените страсти.

Архимандрит Христодул игумен на светогорскиот манастир Кутлумуш
Извор: http://agapi.mk/svetol-i-mracen-krst-arhimandrit-hristodul/