Големо богатство ќе поседуваме ако и се предадеме на волјата Божја. Тогаш во душата е само Господ. Друга мисла не постои. Таа со чист ум Му се моли на Бога, и ја чувствува љубовта Божја, дури и телесно да страда.
Кога душата целосно и се предава на волјата Божја, тогаш Самиот Господ почнува да раководи со неа. И душата учи непосредно од Бога, додека претходно беше насочувана од учители и од Писмото. Но, ретко се случува, Учител да и биде Самиот Господ, со Својата благодат на Светиот Дух. Малкумина го знаат тоа. Само оние што живеат според волјата Божја!
Горделивиот не живее според волјата Божја. Тој сака самиот да се раководи себеси, не сфаќајќи дека на човекот не му е доволен само разумот, да управува со себеси. И јас, живеејќи во светот, кога уште не Го знаев Бога и Неговиот Свет Дух, немајќи сознание колку не љуби Господ, се потпирав врз својот разум. Но, кога преку Светиот Дух Го познав нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, тогаш мојата душа Му се предаде Нему. И се мачно што ми се случува, го примам и велам: “Господ ме гледа. Од што да се плашам?” А порано, не живеев така!
Оној што и се предал на волјата Божја, многу му е полесно да живее, затоа што и да е болен, и да е беден, и да е прогонет, тој расудува: “Така Му е угодно на Бога, јас треба да трпам заради моите гревови”.
Еве јас, долги години имам главоболки, и тешко ги поднесувам. Издржувам, зашто боледувајќи се смирува душата. Мојата душа огнено сака да се моли и да бдее, но и пречи болеста. Оти истоштеното тело бара спокој и одмор. И јас многу Го молев Господа да ме исцели, но Господ не ме услиша. Значи, тоа е полезно за мене.
Ете, ми се случи уште нешто. Господ брзо ме услиши и ме спаси. Еднаш, на еден празник, на трпезата имаше риба. Додека јадев, ми влезе коска во грлото, многу длабоко во градите. Го повикав Светиот Великомаченик Пантелејмон, барајќи да ме исцели зашто лекар не би успеал да ја извади коската од градите. И кога кажав: “исцели”, добив одговор во душата: “Излези од трпезаријата и искашлај се! Коската ќе излезе заедно со крвта”. Така и направив: Излегов, се искашлав и излезе голема крвава коска. И сфатив дека штом Господ не ми ја исцелува главата, значи, тоа е полезно за мојата душа.
Најскапоцено од се на светот е да се знае Бог и барем делумно да се разбира Неговата волја.
Душата што Го познала Бога, должна е во се да и се предаде на волјата Божја, и да живее пред Него во страв и во љубов. Во љубов, бидејќи Господ е љубов. Во страв затоа што треба да се плашиме да не Го нажалиме Бога со некоја лоша помисла.
О, Господи, удостој не со силата на благодатта на Светиот Дух, да живееме според Твојата света волја!
Кога благодатта е со нас, тогаш сме силни со духот. Но, губејќи ја, ја согледуваме нашата немоќ. Се уверуваме дека без Бога, не можеме да помислиме ниту едно добро.
Милосрден Боже, Ти ја знаеш нашата немоќ! Те молам: дај ми го смирениот дух, оти заради Своето милосрдие Ти и допушташ на смирената душа да живее според Твојата волја. Ти и ги откриваш сите Свои тајни. Ти и даваш да Те познае Тебе. И колку бесконечно не љубиш.
Како да дознаеме дали живееме според волјата Божја?
Еве како: ако тагуваш по што и да е, значи дека не и се предаваш целосно на волјата Божја, иако можеби ти се чини дека живееш според неа.
Кој живее според волјата Божја, тој не се грижи за ништо. И кога му е потребно нешто, тогаш тој и себеси и нештото Му го предава на Бога. Дури и да не го добие она што го бара, останува спокоен како да го добил.
Душата што и се има предадено на волјата Божја, не се плаши од ништо: Ниту од закани, ниту од разбојници, од ништо! Што и да се случува, таа вели: “Така Му е угодно на Бога.” Ако се разболи, размислува: значи, потребна ми е болеста, инаку Господ немаше да ми ја прати.
Така, се чува смирението во душата и во телото.
Кој се грижи за самиот себеси, тој не може да и се предаде на волјата Божја, за неговата душа да има мир во Бога. А смирената душа и се предава на волјата Божја и живее пред Него во страв и во љубов. Во страв: да не Го нажали Бога со што било. Во љубов: оти душата позна колку не љуби Господ.
Најдоблесно е да и се предадеме на волјата Божја, и да ги поднесуваме неволјите, надевајќи се. Господ, гледајќи ги нашите неволји, никогаш нема да ни го понуди она што не можеме да го издржиме. Ако неволјите ни изгледаат големи, значи, не сме и се предале на волјата Божја.
Душата што и се има предадено на волјата Божја, е спокојна во Него. Таа знае од опит, а и од Светото Писмо, дека Господ многу не љуби, бдеејќи над нашите души. Он оживува се со Својата благодат во мир и во љубов. Оној што и се има предадено на волјата Божја, не тагува по ништо, дури и да е болен, и да е беден, и да е прогонуван. Душата знае дека Господ милостиво се грижи за нас. Но, горделивите и инаетливите не и се предаваат на волјата Божја. Тие сакаат да ја исполнуваат својата волја, наштетувајќи и на душата.
Пимен Велики има кажано: “Нашата волја е бакарен ѕид помеѓу нас и Бога, и не ни дозволува да Му се доближиме, ниту да ја созерцуваме Неговата милост.”
Секогаш треба од Господа да го бараме душевниот мир, за да можеме попредано да ги исполнуваме Неговите заповеди. Оти, Господ ги љуби оние што се трудат да ја исполнуваат Неговата волја.
Оној што е незадоволен со својата судбина, негодува заради болеста или заради оној што го навредил. Тој нека знае дека е опседнат од возгордеан дух, којшто му ја одзема благодарноста кон Бога.
Дури и да е така, не очајувај, туку труди се да се надеваш на Господа, и барај го смирениот дух од Него. И кога ќе го примиш смирениот Дух Божји, тогаш ќе Го возљубиш и ќе бидеш спокоен дури и во неволја.
Душата што го има стекнато смирението, секогаш се сеќава на Бога: “Бог ме создаде. Он настрада заради мене. Он ми ги проштева гревовите и ме утешува. Он ме храни и се грижи за мене. Па тогаш, зошто да се грижам за себеси, од што да се плашам, дури и да сум во смртна опасност”.
Секоја душа што и се има предадено на волјата Божја, Господ ја вразумува, оти Он рече: “Повикај ме во маката твоја и јас ќе те избавам, и ти ќе ме прославиш.” (Пс. 49,15)
Секоја душа што се возмутува за што било, треба да Го моли Господа, и Он ќе ја вразуми. Но, тоа треба да го направи во мигот кога е возмутена. Во спротивно, треба да бара совет од духовникот, за да се смири.
Добро е да научиме да живееме според волјата Божја. Тогаш, душата непрестајно престојува во Бога и станува спокојна. Радувајќи се, човекот се моли секоја душа да Го познае Господа. Да познае колку многу Он не љуби, и колку изобилно ни Го дава Светиот Дух, Кој ја усреќува душата во Бога.
Господ милостиво го вразумува човекот, благодарно да ги поднесува неволјите. Јас во текот на животот никогаш не негодував заради неволјите, туку ги примав од раката Божја како лек. И секогаш Му благодарев на Бога за леснотијата со којашто ги поднесувам сите несреќи.
Сите луѓе на земјата неизбежно трпат неволји. Иако неволјите што ни ги праќа Господ не се големи, на луѓето им изгледаат неиздржливи и ги разнебитуваат. Тоа е така, бидејќи не сакаат да ја смират својата душа и да и се предадат на волјата Божја. Оној што и се има предадено на волјата Божја, него го раководи Самиот Господ со Својата благодат, и тој мажествено поднесува се заради Бога, Кого Го возљуби и со Кого вечно ќе се прославува.
Не можеме да ги избегнеме невољите на земјата, но оној што и се има предадено на волјата Божја, лесно ги поднесува. Тој го гледа нивното постоење, но се надева на Неговата помош и тие поминуваат. Кога Божјата Мајка стоеше под Крстот, нејзината мака беше недостижно голема, затоа што Таа Го љубеше Својот Син, повеќе отколку што можете да замислите. А ние знаеме дека оној што повеќе љуби, посилно и страда. Според својата човечка природа, Божјата Мајка, никако не би успеала да ја поднесе Својата мака. Но, Таа и се предала на волјата Божја, и Светиот Дух ја крепел. И и ја давал силата да ги поднесе страдањата.
А потоа, по Вознесението Господово, Таа му стана голема утеха на целиот Божји народ во неговите маки.
Господ го даде Светиот Дух на земјата и оној што го восприемал Духот, го чувствува рајот во себеси.
Можеби ќе речеш: зошто таа благодат не е со мене? Затоа што ти не и се предаваш на волјата Божја, туку живееш според својата волја!
Осврнете се на оној што ја претпочита својата волја. Тој никогаш нема смирение во душата, и постојано е незадоволен: ова не е така, она не е добро. А оној што наполно и се има предадено на волјата Божја, има чиста молитва, неговата душа Го љуби Господа и се му е благопријатно.
Така му се предаде на Бога Пресветата Дева: “Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според Твојот збор”. И ние да велиме така: “Еве го слугата Господов, нека ми биде според Твојот збор”, тогаш евангелските зборови Господови, напишани со Светиот Дух, би биле во нашите души, и тогаш љубовта Божја би владеела низ целата земја. Иако Господовите зборови толку векови се слушаат низ целата вселена, луѓето не ги сфаќаат, не сакајќи да ги усвојат. Оној што живее според волјата Божја, ќе биде прославен и на небото и на земјата!
Оној што и се има предадено на волјата Божја, посветен Му е само на Бога. Благодатта Божја секогаш му помага да се внесе во молитвата. Тој и работи, и разговара, но неговата душа е зафатена со Бога, затоа што и се има предадено на Неговата волја. Заради тоа, Самиот Господ се грижи за неа.
Преданието вели дека на патот за Египет некој разбојник Го пресретнал Светото Семејство, но не Им сторил ништо лошо. А кога Го видел Младенецот, рекол дека и Бог кога би се воплотил, не би можел да биде попрекрасен од Овој Младенец. И Ги оставил да го продолжат патот во мир.
Прекрасно нешто: разбојникот, којшто како ѕвер, никого не милува, не Му направил никакво зло на Светото Семејство. Душата на разбојникот разнежнувајќи се при погледите на Младенецот и на Неговата кротка Мајка, го допрела Божјата благодат.
Тоа се случувало и со дивите ѕверови, коишто гледајќи ги светите маченици, или преподобните подвижници, станувале кротки и не ги повредувале. Дури и демоните се плашат од кротка и од смирена душа, којашто ги победува со послушанието, со воздржанието и со молитвата.
И пак зачудувачко нешто: разбојникот Му се смилувал на Младенецот Господ, а архиереите и старците Го предале на Пилат, за да биде распнат. Затоа што тие не се молеле и не барале од Господа да ги вразуми, да ги упати што да прават.
Толку често, старешините и луѓето го бараат доброто, но не знаат каде да го најдат. Не знаат дека тоа е во Бога. Он ни го дава нам.
Секогаш треба да се молиме за да не вразуми Господ што да правиме, и Он нема да не остави во заблуда.
Адам не беше мудар, да Го праша Господа за плодот што му го даде Ева, поради што го загуби рајот.
Давид не Го праша Господа: “Ке биде ли добро, ако си ја земам жената на Уриј?” И падна во грев, убивајќи и прељубувајќи.
Така и сите светии што имаат згрешено, не Го повикале Бога на помош, за да ги вразуми. Преподобниот Серафим Саровски рекол: “Кога зборував според својот ум, грешев.”
Но, постојат и негревовни грешки, сторени заради несовршенството. Ги забележуваме дури и кај Божјата Мајка. Во Евангелието се вели дека кога Таа одеше од Ерусалим со Јосиф, мислеше дека Нејзиниот Син е со роднините, или со познаниците… И дури после три дена барање, Го најдоа во ерусалимскиот храм, како беседи со старците. (Лука, 2, 44-46)
И така, само Господ знае се! Ние пак, какви и да сме, треба да Му се молиме на Бога да не вразуми. И да го прашуваме духовниот отец, за да не згрешиме.
Духот Божји сите луѓе ги учи на различни начини: некој безмолвствува во осама, во пустина. Еден се моли за луѓето. Друг е повикан да го пасе словесното стадо Христово. На трет му е дадено да проповеда или да ги утешува оние што страдаат. Четврт му служи на ближниот со својата работа, или со имотот. Ова се дарови на Светиот Дух. Сите се на различен степен: некому триесет, некому шеесет, некому сто. (Марко 4, 20)
Ако се љубиме еден со друг во простотата на срцето, Господ ќе ни покаже многу чуда и ќе ни открие големи тајни преку Светиот Дух.
Бог е ненаситна љубов!
Мојот ум се запре во Бога и не можам повеќе да пишувам…
Сосема ми е јасно дека Господ управува со нас. Без Него ние не можеме, дури ниту да помислиме нешто добро. Затоа, треба смирено да и се предадеме на волјата Божја, за Господ да раководи со нас!
Сите ние, на земјата се мачиме и ја бараме слободата. Но, малкумина знаат каде се наоѓа.
И јас ја сакам слободата. И дење – ноќе ја барам. Познав дека таа е во Бога! И дека од Бога им се дава на смирените по срце, коишто се покајале и ја скршиле својата волја пред Него. На оние што се каат, Господ им го дава своето смирение и слободата да Го љубат Него. И нема ништо подобро на светот од тоа да се љуби Бог и ближниот. Душата наоѓа спокој и милност.
О, сите народи на земјата, паѓам пред вас на колена, и солзејќи ве молам: пријдете кон Христа! Јас се уверив во Неговата љубов спрема вас. Ја знам и затоа и викам на целата земја. Ако нешто знаеш, невозможно е да не проговориш за тоа!
Ќе прашаш: “Како е можно да се знае Бог”? А јас велам, ние Го видовме Господа преку Светиот Дух. И тебе, ако се смириш себеси, Светиот Дух ќе ти Го покаже нашиот Господ. Тогаш и ти ќе посакаш да и крикнеш на целата земја за Него.
Јас сум стар, и чекајќи ја смртта, ја пишувам вистината заради љубовта спрема народот, заради кого тагува мојата душа. Можеби, барем една душа ќе се спаси. И за неа ќе Му благодарам на Бога. Но, моето срце страда за целиот свет, и се молам, и пролевам солзи за сите, за да се покајат и да Го познаат Бога, и живеејќи во љубов да и се насладуваат на слободата во Бога.
О, сите луѓе на земјата, молете се и плачете испросувајќи проштение за вашите гревови. Каде што има простување на гревовите, таму е слободата на совеста и на љубовта.
Господ не ја сака смртта на грешникот. На покајникот Он му ја дарува благодатта на Светиот Дух. Таа душата ја облева со смирение и со слобода за со умот и со срцето да биде во Бога. Кога Светиот Дух ни ги проштева гревовите, душата се ослободува да Му се моли на Бога со чист ум. Тогаш, таа слободно Го созерцува Бога, бивајќи спокојна и радосна во Него. Без Бога нема слобода, бидејќи демоните ја разнебитуваат душата, внесувајќи и лоши помисли.
Ја кажувам вистината пред сиот свет: јас сум недостоен пред Бога, и ќе очајував за моето спасение, ако Бог не ми ја подадеше благодатта на Светиот Дух. Светиот Дух ме научи, и затоа пишувам за Бога без напор.
Тагувам, и плачам, и пискотам заради луѓето. Мнозина мислат: многу згрешив: убивав, крадев, насилствував, клеветев, блудничев, и многу други нешта сторив. Тие засрамени не се покајуваат, заборавајќи дека сите нивни гревови пред Бога се како капка во морето.
О, браќа мои, цела земјо, покајте се додека има време. Бог милостиво го чека нашето покајание. Бидејќи Бог е љубов, и Светиот Дух во светиите е љубов. Барај, и Господ ќе ти прости! А кога ќе добиеш проштевање на гревовите, тогаш твојата душа ќе биде радосна и весела. Благодатта на Светиот Дух ќе ја обземе твојата душа и ти ќе речеш: “Ете ја вистинската слобода. Таа е во Бога и од Бога”.
Благодатта Божја не ја одзема слободата, туку ни помага да ги исполниме Божјите заповеди. Адам ја имаше благодатта, но неговата волја не му беше одземена. Така, и Ангелите престојуваат во Светиот Дух, имајќи ја слободната волја.
Мнозина не го знаат патот на спасението, талкаат во темнина, не гледајќи ја Светлината на Вистината. А Он беше, Е и ќе биде. И милостиво сите не повикува кон Себе: “Дојдете при Мене сите изморени и обременети, познајте Ме Мене, а Јас ќе ви го дадам спокојот и слободата”.
Вистински сме слободни, кога сме во Бога. Јас порано не го знаев тоа. До мојата дваесет и седма година, јас само верував дека Бог постои, но не Го знаев. А кога мојата душа Го позна преку Светиот Дух, почнав огнено да настојувам да бидам со Него. И сега, со жар Го барам дење – ноќе.
Господ сака да се љубиме еден со друг. Во љубовта е слободата! Во љубовта спрема Бога и спрема ближниот. Во љубовта е слободата на еднаквоста. Во земните чинови не постои еднаквост. Но, за душата тоа не е значајно. Не може секој да биде цар, кнез, патријарх, игумен, или старешина. Но, во секое чинодејствие може да се љуби Бог и да Му угодува. Само тоа е значајно. И кој повеќе Го љуби Бога на земјата, тој ќе биде во поголема слава во Царството. Кој посилно љуби, поупорно се стреми кон Бога, бивајќи поблиску до Него. Секој ќе биде прославен според силината на својата љубов. Јас се уверив дека љубовта може да биде различна според својата сила.
Кој се плаши од Бога, нека биде предострожен да не Го нажали со што и да е. Тоа е првата љубов. Кој има ум со чисти помисли, тоа е втората, поголема од првата. Кој јасно ја чувствува благодатта во својата душа, тоа е третата љубов, уште поголема.
Четвртата, совршена љубов спрема Бога ја имаат оние кај коишто благодатта на Светиот Дух е и во душата и во телото. Нивните тела се осветуваат и ќе станат мошти. Така се случува кај големите свети маченици, кај пророците, кај преподобните. Кој го достигнал ова ниво, тој е неприкосновен за телесната љубов. Тој слободно може да спие покрај мома, а кај него да не се побуди никаква желба спрема неа. Љубовта Божја е посилна од љубовта спрема жената, којашто го привлекува целиот свет, освен оние што ја поседуваат благодатта Божја во полнота. Оти сладоста на Светиот Дух го преродува целиот човек, и го учи да Го љуби Бога целосно. Од полнотата на Божјата љубов, душата е недопирлива за светот. Дури и да живее на земјата, среде другите луѓе, човекот од љубовта Божја, го заборава световното. И тешко нам, оти заради суетноста на нашиот ум, не заслужуваме да останеме во таа благодат. Таа ја напушта душата, којашто плачејќи и крикнувајќи ја бара:
“Тагува душата моја по Господа”.
Старец Силуан Атонски
Извор:http://www.prohor.org/%D0%B7%D0%B0-%D0%B2%D0%BE%D0%BB%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D0%B6%D1%98%D0%B0-%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B1%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%B0/
Друго:
Погледни го човекот кој сака да тера по свое – Свети Силуан Атонски
Прославен споменот на св. Силуан Атонски во светогорскиот манастир „Св. Пантелејмон“