Тертулијан – За омразата кон христијаните


Владетели на Римската империја, вие кои седите на отворено и високо место, скоро на самиот врв на градот за да ја спроведувате правдата, ако не смеете отворено да ги разгледувате и јавно да ги истражувате причините за гонењето на христијаните, ако заради вашиот престиж се плашите или се срамите да преземете судски претрес единствено во овој посебен случај, ако најпосле омразата кон ова учење, кое усрдно се занимава со приватни работи, ја затвора устата на одбраната, како што најчесто и се случува, тогаш барем нека биде дозволено вистината да стигне до вашите уши по тајниот начин на тивкото писмо.

Вистината не сака ништо за себеси, бидејќи не е изненадена од сопствената положба. Таа знае дека живее како странец на земјата, дека лесно се среќава со непријатели меѓу туѓинците, но и дека има семејство, дом, надеж, благодат и достоинство на Небесата.

Каква е штетата врз вашите закони, господари на своето царство, ако таа биде ислушана? Ќе се прочуе ли повеќе вашата моќ ако ја осудите вистината дури и без да ја ислушате? Всушност, ако ја осудат без да ја ислушаат, тие ќе предизвикаат не само омраза за нивната неправда, туку и сомнеж за одредена предрасуда, бидејќи не сакаа да слушнат нешто што не би го осудиле доколку го слушнале.

Значи, најпрво ве обвинуваме за неправедна омраза кон името „христијанин“. Истиот мотив што навидум ја оправдува вашата неправда, во исто време и ја зајакнува – а тоа е вашето незнаење. А што може да биде понеправедно од омразата на нешто непознато, па дури и ако тоа ја заслужува твојата омраза? Омразата е заслужена само тогаш кога ќе се разбере дека истото ја заслужува.

Но, ако не е познато дали ја заслужува, како може да се оправда справедливоста на омразата, која мора да се докажува не со надворешни знаци, туку со внатрешна убеденост? И бидејќи тие мразат затоа што не знаат што мразат, зошто да не може тоа да биде нешто што не треба да го мразат? Така, ние ги побиваме и двете позиции едните со другите – дека тие не го познаваат тоа што го мразат и дека неправедно го мразат затоа што не го познаваат.

Еве го доказот за нивното незнаење, кој, оправдувајќи ја нивната неправда, во исто време и ги осудува. Оние што порано мразеа затоа што беа неуки, штом ќе стават крај на своето незнаење, тие престануваат и да мразат. Како резултат на тоа тие стануваат христијани и поради нивниот непосреден увид почнуваат да го мразат она што биле и да го исповедаат она што го мразеле. Такви случаи има толку многу што не можете ни да ги изброите.



Се известува дека христијаните ја окупирале целата земја, дека ги исполниле полињата, утврдувањата, островите, дека луѓе од секој пол, возраст, позиција и положба го усвоиле таквото име, па се тагува како тоа да предизвикува некаква штета.

А сепак, управниците не се трудат да оценат дали тука се крие некакво добро начело. Не им е дозволено да претпостават нешто правилно, не им е угодно нештата побрзо да ги проверат! Но тука умира човечката љубопитност! Тие сакаат незнаење, додека другите се радуваат на знаењето. Колку ли посилно Анахарсис би ги осудил како безумници, кои им судат на разумните?

Тие претпочитаат да не знаат бидејќи веќе мразат! Тие однапред заклучуваат дека она што не го познаваат е она што не би можеле да го мразат ако го беа запознале. Но, бидејќи во овој случај нема што да се мрази, најдобро е да стават крај на нивната неправедна омраза. Ако се утврди дека омразата е заслужена, таа не само што не губи ништо, туку дури и на нејзината упорност ја додава славата на сопствената справедливост.

Но, некој ќе рече, не може однапред да се суди дека нешто е добро само затоа што привлекува многу луѓе кон себе: па колкумина се преобратиле во злото! Сепак, вистинското зло не се осмелуваат да го бранат дури и оние кои се опседнати од него. Природата го покрила секое зло или со страв или со срам.

Конечно, злосторниците стремат да се сокријат, избегнуваат да се појават, треперат да не бидат фатени, негираат кога се обвинети, дури и кога се измачувани тешко и не секогаш признаваат, на крајот страдаат кога ќе бидат осудени: ги набројуваат злонамерните напади против себеси, ја припишуваат својата слабост на судбината или на ѕвездите. Не сакаат нивното дело да биде она што тие го признаваат како лошо.

Дали христијанинот прави нешто подобно? Тој не се срами од никого, не се кае пред никого освен, се разбира, за фактот дека порано не бил христијанин. Ако го откријат, се прославува; ако го обвинат, не се брани; ако го испрашуваат, тој дури и доброволно признава; ако го судат, тој благодари.

Кое е ова зло што не содржи природни знаци на злото: страв, срам, затајување, каење, оплакување? Кое е ова зло, во кое виновникот се радува, обвинението се посакува, а казната е како победа? Не можеш да нарекуваш нешто дека е безумие, кога темелно си изобличен дека недоволно го познаваш.

(Извадок од книгата „Апологија на христијанството“)

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/tertulijan-za-omrazata-kon-hristijanite/