
Такви му требаат на демонот
Демонот не сака да постојат вистински христијани, луѓе кои што автентично го сведочат Христос. Нему му одговара една млака, безлична и, само по име, христијанска маса која повеќе ќе ги одвраќа и одбива луѓето од Христос и Неговата Црква, отколку што ќе им овозможи услови за духовен развој; некои, кои се суштински празни, а истовремено се замислуваат „посебни“ и „духовни“.
Демонот нѐ сака такви какви што сме – задоволни од самите себе, незаинтересирани за сопствениот духовен развој, чувари на некаква традиционална форма, а без внатрешен подвиг; како некои кои си го гледаат само својот интерес, мир и комфор, некои кои – и да им текне, постојано го одложуваат своето покајание; дури се труди и да нѐ конзервира во таквата бедна душевна состојба.
Демонот нѐ сака како религиозни невротичари – како луѓе кои не преминуваат од противприроден во природен начин на живот, т.е. не влегуваат на првиот степен од духовниот развој; како луѓе кои не знаат како да си ги контролираат своите мисли и чувства, понекогаш и зборови и дела, но кои, истовремено, мислат дека со нив е сѐ во ред; кои проблемот секогаш го гледаат надвор од себе.
Уште повеќе нѐ сака како пасивни религиозни социопати – како луѓе кои никому не чинат јавно зло, но и никому не помагаат. Како луѓе кои ги поддржуваат активните религиозни социопати и кои веднаш заземаат страни во административните црковни спорови, како и во националистичките и партиските судири – и на тој начин ги продлабочуваат истите.
Една од главните карактеристики на овие два вида луѓе е озборувањето, проследено со судење и осудување; како и бесчувствителноста и радувањето на несреќата на „своите непријатели“, на оние што ги осудиле и за кои сметаат дека ги загрозуваат нивните самољубиви интереси. Нивните, пак, интереси се поврзани со страстите од кои се заробени: славољубие, среброљубие и сластољубие.
Како нивниот ум, наместо да биде нивна сигурна светлина и да ги извлече од патот на душевното растројство, останува затемнет или уште повеќе се затемнува? Како демонот успева да произведе ваков тип на луѓе?
Многу луѓе, откако ќе поверуваат и почнат да одат на црква и откако ќе прочитаат некоја книга или научат нешто од слушање и откако ќе престанат со извршување на погрубите страсти, влегуваат во процес на чистење на енергијата на својот ум и ја стекнуваат првата светлина на богопознанието, но нивната најголема грешка е немањето на правилно духовно раководство или, често, и сами се раководат, и „првата светлина“ – всушност знаењето останато од неа, наместо за согледување на своите недостатоци и оддалеченост од Бог, ја користат да ги забележат и осудат недостатоците на другите.
Токму почетокот, но и континуитетот, на погрешното користење на „првата светлина“ е времето во кое демонот успева постепено да го преземе, т.е. хакира, нивниот ум. Таквиот хакиран ум, наместо да му биде светлина на човекот тој му станува темнина која, со помош на демонот, може да го однесе кон уште поголема темнина. Тоа е начинот на кој демонот успева да произведе таков тип на луѓе.
Повеќето такви „христијани“ демонот сака да ги задржи во ваква состојба – религиозна невроза и пасивна религиозна социопатија, поради одвраќање на оние што би сакале да се свртат кон Црквата или за да им го отежнат подвигот на оние што веќе се спасуваат во неа. Но, некои од нив – вообичаено погрубите и понеуките, ги води и во активна религиозна социопатија – колку јавно да шират страв, немир и раздор во црковната заедница, а некои од нив – вообичаено посуптилните и поучените, ги промовира на повисоки црковни и други јавни позиции, колку да ги одржува постоечките црковни расколи или да предизвикува нови.
Најчудно од сѐ е, што баш таквите за себе мислат дека се „просветлени“ и душевно здрави и, како по правило, се претставуваат како борци за верата и нацијата (тоа им оди некако заедно). Таквите превидуваат дека, вистински просветлениот и душевно здрав човек, никого не суди и осудува, туку и кога забележува некој „грев“ кај другите, единствено себеси се смета виновен за тоа и плаче пред Бог; и дека, не предизвикува поделби и расколи, туку исцелува рани на Телото на Црквата.
Да, како што велат Светите отци – прелеста, т.е. умот кој се наоѓа во состојба на лага, не знае за себе; опрелестениот човек тешко може да забележи дека е во прелест – посебно, пак, во делот во кој што е во прелест; тоа е суштината на демоноопседнатоста, тоа е најголемата темнина, од која, само Господ може да нѐ извлече.
Едни блаженства ги поучуваше, насамо, Христос на апостолите – горе, на планината; други, малку прилагодени, му кажуваше на насобраниот народ во долината – согласно нивниот духовен развој; и, за жал, за уште пониско ниво на душевност, сум принуден јас да зборувам – денес.
Господи Исусе Христе, по молитвите на свети Наум Охридски, помилуј нас!
Митрополит Струмички Наум
03.06.2026