Криви Дол, Македонија - На ден 26 октомври, на празникот посветен на Св.мч-ца Злата Мегленска и Св. мч-ци Карп и Папила;
Неговото Високопреосвештенство Митрополит г. Методиј, во сослужение на презвитер Игор Калпаковски и ѓаконот Горан Стојчевски, заедно со црковниот хор “ Св. Иоан Хармосин ”, под раководство на протопсалт Ристо Солунчев, отслужи света Божествена Литургија во манастирската црква Св. Великомаченик Георгиј- Криви Дол.
Пред мноштвото верен народ Митрополитот оддржа пригодна беседа посветена на денешното Евангелско четиво.


 Беседа на 26. 10. 2008

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

Возљубени браќа и сестри, со овие зборови Нашиот Господ и Спасител не поучува на вистинската љубов, љубовта којашто како што вели Светиот апостол Павле не го бара своето. Тоа е таа прва љубов за којашто зборува и Духот кога и се обраќа на Црквата, на ангелот од Црквата во Ефес и кога и вели: Го паметам твоето трпение, но ти забележувам зошто ја остави првата љубов. Таа прва љубов е токму најизворната љубов којашто срцето на човекот го врзува за Бога, таа е љубов којашто со сите свои атрибути, со сите свои квалитети не е омеѓена, ниту заробена од овој свет. Таа не го прави тоа, односно не е љубов заради тоа што од нешто има полза, или за нешто да добие, туку е љубов онаква каква  што љуби Нашиот Отец Небесен, Кој заради ништо и од ништо го создаде овој свет и го оддржува во живот со Својата љубов и Го привлекува со Својата љубов кон Себеси, движејќи го и постојано менувајќи го.
На таква љубов и ние треба да се научиме и Господ буквално вели: Каква ни е нашата награда ако тоа го правиме како што тоа го прават и оние коишто не знаат за Бога, оние коишто тоа го прават од корист. И заповедта за љубовта кон непријателите - тоа е љубов којашто е почеток на секоја добродетел, љубов којашто прави во овој свет којшто лежи на злоба да се преобразува според своите квалитети и да биде свет полн со љубов, свет којшто Бог го промислил да се спаси преку таа преобразена љубов. Преку љубовта којашто е Божествена овој свет и продолжува да постои и секој таков мал гест на таа љубов некористољубива е продолжување на животот на овој свет .
Ако тоа го правиме тогаш како што вели Господ навистина сме синови и ќерќи на Севишниот, навистина сме научиле да љубиме така како што Бог љуби. Ако не, тогаш нашата љубов е обична трговија, љубов со којашто сакаме да си купиме нешто, со којашто сакаме нешто да добиеме. Бог тоа ни Го покажа и тогаш кога Ги кажа оние зборови коишто луѓето коишто се неупатени во верата тешко ги носат: Кој љуби мајка или татко, или брат или сестра, или имот, или злато или слава или било што на овој свет повеќе од Мене не е достоен за Мене. И кој не го земе крстот свој и не врви по Мене не е достоен за Мене.
Не е достоен затоа што не е достоен за љубовта со којашто Бог не учи а тоа е истата таа прва љубов со којашто треба постојано да живееме, прва љубов од којашто никогаш не треба да се откажеме. Амин!

Извор:  http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=606&Itemid=2

Посети: {moshits}