ВТОР ДЕЛ

ЦРКОВНАТА ГОДИНА

monasinja.Plaosnik.jpg

ВОЗДВИЖЕНИЕ НА КРСТОТ

Празникот на Воздвижение на Крстот... Со векови во овој ден на соборите на архиереите, опкружени со зборот на духовенството, среде храмот, високо над оние кои се молат се издигал крстот и ги осветлувал сите четири страни, а хорот во тоа време громогласно пеел “Господи, помилуј!” Тоа бил празникот на христијанската империја, која се родила под знакот на Крстот, во денот кога императорот Константин во видение го видел Крстот и зборовите: “Со ова ќе победиш...” Тоа е Празник на победата на христијанството над царствата, културите и цивилизациите, празник на оној христијански свет кој се распаднал, се распаѓа пред нашите очи.
Да, и оваа година, како и секоја, ќе се изврши овој торжествен древен обред. И хорот радосно ќе пее: “Крстот на царевите им е држава, крстот - е убавина на вселената”. Но околу храмот ќе трешти огромниот град, без учество во ова сокриено торжество, никако со него поврзан, милиони луѓе ќе продолжат да си го живеат својот секојдневен живот, со неговите немири, интереси, радости, таги, не имајќи никаков однос со она што се извршува во храмовите. Зошто се осмелуваме да ги повторуваме овие зборови на победата, повторувајќи ги одново и повторно за Крстот, дека тој е - неуништлива победа?
За жал, треба да се признае дека многу христијани не би знаеле да одговорат на овие прашања. Многу христијаните како да се навикнале на тоа, Црквата да биде изгонета на заден план на животот, да биде протерана од културата, од животот, од училиштата - од секаде. Многу христијани се задоволни со тоа што со презир им дозволуваат да ги “исполнат своите обреди”, само тие да се однесуваат тивко и послушно, да не му пречат на светот да го гради својот живот - без Бога, без Христа, без вера, без молитва. Тие, овие уморни христијани, веќе и не се сеќаваат што рекол Христос ноќта пред Распетието: “Во светот ќе имате жалости, но не плашете се, зашто Јас го победив светот”.
Но ми се чини, ако го празнуваме овој празник на Воздвижение на Крстот, ако ги повторуваме древните зборови на победата и торжеството, тоа не е за да си спомнеме за победата на минатото, да си спомнеме за тоа што било и што повеќе не е. А за тоа, би требало, за подлабоко да се замислиме околу смислата на овој збор “победа” во христијанската вера.
Можеби, само денес, кога сме лишени од надворешна сила, надворешна победа, подршка на власта, небројни богатства, лишени од се она што се чинело символ, знак на победа, ние сме способни да сфатиме дека, можеби, се тоа и не била вистинска победа.
Да, со злато, сребро и драгоцени камења бил украсен оној Крст кој преку рацете на свештениците се издигал над човечката толпа, но ни златото, ни среброто, ни драгоцените камења не се способни да ја затемнат вистинската и првобитна смисла на Крстот: срамно орудие и мачна казна, на кое со клинци бил закован човекот од сите отфрлен, задишан од бол и жед.
И ќе имаме храброст да се запрашаме: зар не згаснале поради тоа сите тие христијански царства и култури, зар не се превртела во пораз победата поради тоа што сме ослепеле ние, христијаните, за последната смисла, последната содржина на главниот символ. Решиле дека со злато и сребро може да се затемни оваа смисла и дека се што од нас сака Бог - тоа е да се поклониме на минатото.
Но да се почитува Крстот, да се подигне, да се пее за победата на Христа - не значи ли тоа, пред се - да се верува во Распнатиот, да се верува дека крсниот знак - тоа е знак на еден потресувачки, единствен по својата смисла, пораз, кој - само во силата на овој пораз, само во мерата на неговото примање како пораз - и станува победа и торжество.
Не, не дошол Христос во светот за надворешна победа: Нему Му било предложено Царствотот, и Тој го отфрлил. Во моментот на Неговото предавање на смрт, Тој рекол: “Зарем мислите дека Јас не можам да го умолам Мојот Отец да ми испрати легиони на ангели, кои би ме заштитиле?”. Но никогаш Христос не бил повеќе Цар од тогаш кога, опкружен со злобната и занишана толпа, одел кон Голгота, носејќи го на грбот Крстот Свој. Никогаш не била толку очигледна Неговата царственост и сила, како во тој час, кога Пилат го извел пред толпата, облечен во багреница, осуден на смрт како престапник, со трнов венец на главата, и кога Пилат и рекол на збеснатата толпа: “Еве го Царот ваш!”
Бидејќи само тука е целата тајна на христијанството, и затоа неговата победа е - во радосната вера, во тоа што во отфрлениот, распнатиот и осудениот во светот засветлела љубовта Божја, се открило Царството, над кое никој нема власт. Секој од нас треба само да го прими Христа, да го прими со сето срце, со сета вера, со сета надеж. Инаку сеедно е, никакви надворешни победи немаат смисла.
И можеби, на нас ни било неопходен тој надворешен пораз на христијанскиот свет, неопходно било тоа осиромашување и отфрлање, за да се очисти нашата вера од секоја земна надменост, од надежта на надворешната сила, на надворешната победа. За да се очисти нашето видување на Крстот Христов, кој се вознесува над нас и над светот, дури и ако ние и светот не го гледаме тоа.
Се вознесува и победува, без разлика на се. “Крстот е - убавина на вселената”. И во каква и темнина да е човекот, колку и надворешно во светот да торжествува злото, срцето знае и слуша: “Не плашете се. Јас го победив светот”.

РОЖДЕСТВО


Во Евангелието не е укажан точниот датум на раѓањето на Исуса Христа. Не е укажано дури ни времето на годината, и судејќи по тоа, што во евангелските раскази се говори за пастирите кои ноќе го пасат стадото, може да се помисли дека овој настан се случил во лето. Оттука се јавува прашањето: од каде и како се појавил христијанскиот датум на Рождество - 25 декември? Ова прашање - не е бескорисно љубопитство. Одговарајќи на него, ние дознаваме нешто и за суштината на христијанската вера, поточно - за сфаќањето на христијаните на својот однос кон надворешното, т. е. кон Христа Кого светот се уште не го познавал, во Него се уште не верувал.
Всушност, истовремено со распространувањето на христијанството, на почетокот на нашата ера, во грчко-римскиот свет се случило многу брзо распространување на последната поголема незнабожечка религија: култот кон сонцето. Во седумдесетите години од ИИИ-от век римскиот император Аврелијан дури оваа религија на сонцето ја прогласил за официјална религија на целата Римска империја. Таа го прославувала сонцето како извор на животот и затоа - како повозвишена божествена сила. Како и целото незнабоштво, тоа било обожавање на природата, природните животворни сили. Главен празник кај религијата на сонцето биле деновите на таканаречната зимна краткодневница, т.е. последните денови од декември, кога по најголемото оддалечување на земјата од сонцето повторно започнува нашето приближување кон него, и според тоа - зголемување на топлината и светлината, приближување кон пролетното оживување на природата и торжество на животот над умирањето. Астрономските закони на вртење на земјата околу сонцето, се разбира, се уште не ги знаеле луѓето од таа епоха. За нив оваа победа на светлината над темнината, тоа оживување на природата - било божествено чудо. А во центарот на чудото е - сонцето - изворот на светлината, изворот на животот. Култот кон сонцето и постанал последна голема религија на веќе осуденото на смрт незнабоштво, а празникот на зимната краткодневница во декември - последен поголем незнабожечки празник. Затоа овој култ за христијаните бил главен противник и соперник, имено со него христијанството ја водело последната битка.
На почетокот на ИВ-от век римскиот император Константин, кој самиот на почеток бил поклоник на сонцето, се обрнал во христијанство. Се завршила епохата на гонењето, на христијанската црква и било овозможено отворено и без пречки да го устројува својот живот, да гради храмови и, главно, слободно да ја проповеда својата вера. Според пресметките на историчарите, во моментот на обрнувањето на Константин во христијанство христијаните составувале не повеќе од 10% од целокупното население на империјата, при што тие, речиси целосно, припаѓале на градското население. Земјоделскиот слој речиси воопшто не бил допрен од христијанството. И станала неопходна проповедта за Христа како за Спасител да се донесе до оние 90%, тие да се обрнат во новата вера. А за ова требало да се победи незнабоштвото, и тоа не со надворешни, принудни мерки, а одвнатре, т.е. јавувајќи му ја на човекот не само предноста на христијанството над незнабоштвото, но и универзалната и спасителна вистина која во него се содржи.
Главен метод на обрнување и станало ползување на христијаните со незнабожечките верувања, еден вид на нивна “сублимација”: нивно очистување и исполнување со христијанска смисла. Во декември незнабожците го празнувале раѓањето, раѓањето на сонцето. И ете, во овој ден христијаните започнале да го празнуваат рождеството на Исуса Христа, да го празнуваат како раѓање на вистинското, духовно сонце, влегување во светот на вистинската, духовна светлина... Бидејќи ете, дури и денес на денот на Рождеството Христово, главното песнопеење на овој празник кое го слушаме е: “Рождеството Твое Христе, Боже наш, му засветлило на светот со светлината на разумот... не научило да Ти се поклонуваме на Тебе, Сонцето на правдата...” Како што гледаме, христијанството ја примило вообичаената тема за незнабожците и сите дохристијански култури, тема на сонцето како светлина и живот и преку неа ја разоткривало својата вера во Христа. “Вие верувате во сонцето - како да му кажувала Црквата на светот - но тоа природно, физичко сонце е - символ, одблесок, орудие на друго, возвишено, духовно сонце. Божественото Сонце - и во него е животот, светлината, победата... Вие го прославувате раѓањето на физичкото сонце, ние ве повикуваме да го прославите доаѓањето во светот на Божественото Сонце, ве повикуваме од физичкото, видливото да го воздигнете вашиот ум кон духовното и невидливото”.
Така празникот на Рождество Христово станал еден вид на исполнување на она што го празнувало незнабоштвото: празник на настаните кои го завршувале, исполнувале чекањето, очекувањето, верувањата на сите луѓе. Се она што човекот го сместувал во своето поклонување на сонцето: верата на човекот во смислата на светот, во неговата светлоносност, во неговата разумност и божественост - на се тоа христијанството како да му дало име - Христос. Така се појавил празникот на Рождество Христово  и како увенчување на сите човечки претчувства и очекувања, целата неискоренлива жед по смисла и добро на човекот, и во исто време - како почеток на нова религиозна епоха. Епоха која повеќе не ја обожавала природата и нејзините слепи сили, а се поклонувала на Оној Кој е над природата, иако и одразен во неа. Оној Кој - самиот е извор на целиот живот, негова содржина и цел. Така одвнатре било надвладеано незнабоштвото, то ест поклонувањето на творбата, а не на Творецот, така бил ослободен човекот од ропството на светот и природата со примањето на “светлината на разумот” од Христа.

Светлина на разумот

“Рождеството Твое, Христе Боже наш, му засветли на светот со светлината на разумот...” Така започнува тропарот на празникот на Рождество Христово, со тврдењето дека со Христа во светот не влегол само образот на совршениот човек, но и повозвишеното, сеопфатно откровение на Смислата.
Светлина на Разумот! Тука имено од вечност се води битка против христијанството и Христа, и стануваат против Него сите оние кои мислат дека имаат разум во себе и по себе, и дека во име на разумот и разумноста тие треба да го уништат се она што е поврзано со Младенецот од Витлеемската пештера.
Речиси две илјади години се одолговлечува овој спор. Ете доаѓа апостол Павле во Атина и стапува во Ареопагот, каде седат светилата на науката и философијата од тоа време, и таму - во срцето на светот на Антиката - го проповеда Христа Распнатиот и Воскреснатиот. И тие, овие мудреци, му се смејат и му говорат: “За ова ќе те слушаме утре”. А зад нив стои целата моќ на големата Римска империја.
 Со христијаните се борат, ги гонат, ги тепаат, во течение на речиси две стотини години - тие се надвор од законот, лишени од се, парии. Над нивното учење се потсмеваат, нивните обреди - ги исмеваат, ги клеветат.
 Но среде овој мрак и злоба истиот апостол Павле им пишува на христијаните, и толку едноставно, толку спокојно: “не сметаат за измамници, но ние сме верни, ние сме непознати, но ќе дознаат за нас. Не сметаат за умрени, но ете, ние сме живи. Не казнуваат, но ние не умираме. Не огорчуваат, а ние секогаш се радуваме. Сиромашни сме, но многумина ги збогатуваме. Ништо немаме, но со се владееме”.
Поминуваат години. По малку, постепено, философите, научниците започнуваат да се замислуваат над ова учење кое им се чинело толку несфатливо, нерационално, туѓо. Ете, во средината на вториот век, еден философ по име Јустин. Тој го поминал целиот живот трагајќи по вистината, ги изучил сите науки, и најпосле пришол на христијанството. До нас дошло неговото дело. Што го привело кон оваа гонета вера и маченичка смрт? Тој одговара: “светлината на разумот”, возвишената разумност, сеопфатната мудрост на христијанското Откровение. Тоа, христијанството - единствено тоа одговара на сите прашања, единствено тоа до крај е способно да ја задоволи гладта на човечкиот ум и жедта на човечкото срце.
Тоа е Логос, што на грчки значи “смисла” и “разум”. А зарем не е кажано во Евангелието, дека Тој е - Логос, смисла и разум на се? Уште неколку десетлетија - и пред нас е друг претставник на античниот Олимп - Климент Александриски. И тој исто така, преминува во христијанска вера и ја разоткрива како врв на разумот, како граница и исполнување на сите барања, на сите очекувања на човекот. И колку ги има, слични на Јустин и Климент. И најпосле, самата Империја ја наведнува својата горда глава пред распнатиот Учител, Кого толку долго го презирала.
Започнува “христијанската ера” во историјата на човечкиот развој и култура. И зар може да се заборават корените од кои израснало се тоа преку кое ние живееме и дишеме? Христијанството влегува во плотта и крвта на нашиот живот, без него не е сфатлива ни уметноста, ни философијата, ни науката.
Но ете, во наши денови повторно се бунтува надменоста на умот човечки против ризницата на разумот, доброто и убавината. Загледајте се во тој бунт - за што тој се држи? Само за силата. Спор ли е тоа или убедување? Кај непријателите на христијанството, на крајот на краиштата, не сретнуваме други аргументи, освен клеветата и пропагандата.
Како одговор - со таква сила се слуша од храмовите торжествената песна: “Рождеството Твое, Христе Боже наш, му засветли на светот со светлината на разумот”. Толку уверено, толку цврсто ние исповедаме дека таму каде што има чесна потрага, жед по вистината и љубов кон неа - тие порано или подоцна ги приведуваат кон Христа. “Зашто во Него беше животот, и животот им беше светлина на луѓето...” “И светлината - продолжува евангелистот Јован - во темнина светли, и темнината не ја обзема”.
Во ова тврдење, во оваа исповед е - смислата на празникот Рождество. Светлината на Разумот влегла во светот и засветлувајќи ни тогаш, не си заминала, не се угаснала. Колку далеку сме пошле во изучувањето на светот, и ете, најдобрите умови на нашето време започнуваат да ја чувствуваат славата Божја, светлината на Неговиот разум во оној неопфатлив космос, во неговите закони, во неговата убавина. Ѕвездата која ги водела мудреците до пештерата, престанува да биде умилна сказна, ние повторно ја слушаме предвечната правда на зборовите на псалмот: “Небесата раскажуваат за славата Божја, за творбите на рацете Негови возвестува сводот небесен!” Целиот свет се стреми кон единство, мир, љубов. Но каде ќе ги најде? Во економијата? Во ѕвечкањето на оружјето? Во соперништвото?
Се поочигледно расте тагата по нешто, што навистина би влегло во срцето како сеосветувачка светлина на животот. Но во човекот нема срце, освен Христа. Нема друг пат, освен заповедта на љубовта од Него дарувана. Нема друга мудрост, нема друга цел, освен Царството Божјо од Него возвестено, нема друг пат, освен совршенството од Него јавено: “Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен...”
Ете, со оваа космичка љубов, со оваа светлина гори и светли Рождеството. Со духовниот слух ние ја слушаме истата торжествена слава: “Слава на Бога во височините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја”. Со духовниот поглед ја гледаме истата светлина на разумот, со духовен глас одговараме на оваа радосна вест преку благодарствена песна: “Христос се роди - славете! Христос на земјата - дочекајте го! Христос од небесата - вознесете се!

Богомладенецот

“Дете младо - предвечен Бог - со ова ликувачко поистоветување на Младенецот Кој се родил во Витлеемската Пештера се завршува едно од главните песнопеења, составени во ВИ век од знаменитиот византиски песнописец Роман Слаткопоец. Еве го во македонски превод:

Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш
И земјата на Недосатапниот пештера Му принесува.
Ангелите со Пастирите Го прославуваат,
А мудреците со ѕвездата патуваат; зашто
заради нас се роди Дете младо, Превечниот Бог.

Детето - Бог, Бог - детето... Зошто дури и кај луѓето кои не се ни топли ни ладни кон верата, дури и кај неверните - не престанува радосно да се стегнува срцето при созерцување, во овие денови на Рождеството - на единственото, неспоредливо видување: млада мајка со дете на рацете, и - околу неа - мудреците од исток, пастирите од ноќното поле, животните, небото, ѕвездите? Зошто толку цврсто знаеме, и повторно и повторно тоа го узнаваме, дека на оваа скрбна земја наша нема ништо попрекрасно и порадосно од ова видување, кое вековите не можеле да го избришат од нашето сеќавање?
На ова видување ние се враќаме, кога немаме повеќе каде да одиме, кога, измачени од животот, ние го бараме она што може да не спаси. Бидејќи ете, во евангелскиот расказ за Рождеството на Исуса Христа Мајката ништо не говори, и се разбира, ништо не говори и Младенецот - како да не се потребни никакви зборови, зашто со никакви зборови не се објаснува, не се определува, не се пренесува смислата на тоа што се случило и извршило тогаш.
А сепак, ќе се обидеме. Не за да објасниме и за да толкуваме. Но како што е кажано во Светото Писмо, “од изобилието на срцето глаголи устата”. И не му е можно на човекот ова изобилие да не го подели со другите.
Бидејќи во овие зборови дете и Бог е најнеобичното откровение на тајната на Рождество. Во некоја длабока смисла оваа тајна, пред се, е обрната кон детето кое продолжува скриено да живее во секој возрасен. Кон детето кое продолжува да го слуша она што возрасниот повеќе не го слуша, и да одговори на тоа со онаа радост за која нашиот здодевен, возрасен, уморен и циничен свет повеќе не е способен.
Да, празникот на Рождество Христово е детски празник, не само во таа смисла што за детето се палат елките, а и во таа, многу подлабока, смисла, што само децата не се зачудени пред тоа што, кога Бог доаѓа на земјата, Тој доаѓа во образ на Дете, и овој образ на Бог-Дете продолжува да ни светли од иконите, се воплотува во безбројни дела на уметноста, најглавното, најпоследното, најрадосното во христијанството се содржи имено тука, во ова “вечно детство на Бога”.
Возрасниот, дури и кога тој разговара на “религиозни теми”, сака и очекува од религијата - објаснувања, анализа, сака се да биде научно, сериозно. И исто толку сериозно и, на крајот на краиштата, досадно размислува за религијата и нејзиниот непријател, атеистот, пукајќи во неа од своите “научни” пушки. Ние немаме попрезирачки однос кон што и да е, од она што е изразено во зборовите: “Ова е за деца од помлада возраст”. Тоа значи - не е за возрасни, не е за умни и сериозни луѓе. Но децата ќе пораснат и исто така, ќе станат такви сериозни и досадни.
А Христос рекол: “Бидете како деца”. Што значи ова? Она што обично го нема кај возрасните, и поточно, што кај “возрасниот” е затрупано, потопено, задушено со дебелиот слој на неговата возрасност? Зарем, пред се - не им е на децата својствена способноста да се восхитуваат, радуваат и, главно, да бидат целовити и во радоста и во тагата? И уште способноста - да се доверуваат, да се предаваат, да љубат и да веруваат со цело суштество? И најпосле, сериозно го примаат тоа за што возрасниот веќе не е способен, за мечта, за она што го пробива нашиот делничен опит, нашата цинична недоверба, таа длабочина на тајната на светот и на се во него, што им се открива на светите, децата, поетите.
И затоа, само пробивајќи се кон детето, кое скриено живее во нас, радосната тајна на доаѓањето за нас на Бога во образ на дете - може да ни постане наше достоинство.
Детето нема ни власт, ни сила, но во својата безвласност тој се покажува како цар, а во бессилноста и незаштитеноста е - неговата зачудувачка сила. Она дете од далечната Витлеемска пештера не сака, ние да се плашиме од Него, Тој влегува во нашето срце не со застрашување, не со докази за својата сила и власт, а само со љубов. Како дете - тој ни се предава, и како дете - ние можеме само да Го возљубиме и да Му се предадеме себе.
Во светот царува власта и силата, стравот и ропството. Од нив не ослободува Богомладенецот Христос. Само љубов, слободна и радосна, само да Му го дадеме нашето срце, Тој бара и сака од нас. И Му го предаваме незаштитено, до крај доверувајќи Му се на Младенецот.
На празникот на Рождество Христово Црквата ни ја јавува радосната тајна: тајната на слободата, на љубовта од никого ненаметната. Љубовта која е способна и Богомладенецот да го увиди, ќе узнае, ќе го возљуби Бога и ќе стане дар на новиот живот.

По Рождеството

Само што се допревме до радоста на Рождеството, овој празник на мир и добра волја, кои зрачат од образот на витлеемскиот Младенец, Евангелието како да не повикува да бидеме сведоци на изблик на страшна злоба кон Него, злоба која веќе никогаш не ќе се прекрати, никогаш не ќе ослаби. “Кога Исус се родил во Витлеем во деновите на цар Ирод, во Ерусалим дошле мудреците од Исток, кои говореле: каде е родениот Цар Јудејски? Бидејќи ние ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме. Откако го слушнал тоа, царот Ирод се растревожил... и собирајќи ги сите првосвештеници и книжници народни, ги прашал: каде треба да се роди Христос? Тие му рекле: во Витлеем Јудејски, бидејќи така е напишано кај пророкот... Тогаш Ирод, тајно повикувајќи ги мудреците, го узнал од нив времето на појавување на ѕвездата и, испраќајќи ги во Витлеем, рекол: појдете, внимателно дознајте се за Младенецот и, кога ќе го најдете, известете ме, и јас да појдам да Му се поклонам. Тие, откако го ислушале царот, пошле. И цело време - ѕвездата која ја виделе на исток, одела пред нив, и најпосле пришла и се запрела над местото каде што бил Младенецот. Увидувајќи ја ѕвездата, тие се израдувале со многу голема радост и, откако влегле во домот, го виделе Младенецот со Марија, Мајката Негова, и паѓајќи на колена Му се поклониле, и отворајќи ги ризниците свои, му принеле дарови: злато, ливан и смирна. И откако во сон примиле откровение да не се враќаат кај Ирод, по друг пат си заминале во својата земја. Кога пак, тие си заминале, Ангел Господов му се јавил на сон на Јосиф и му рекол: стани, земи го Младенецот и Мајката Негова и бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод сака да го бара Младенецот, за да Го погуби. Тој станал, Го зел Младенецот и Мајката Негова и пошол во Египет... Тогаш Ирод, увидувајќи дека е исмеан од мудреците, многу се разгневил и испратил да ги убијат сите младенци во Витлеем и во сите краишта негови, од две години надолу, според времето кое го узнал од мудреците. Тогаш се случило кажаното низ пророкот Јеремија, кој говори: глас се слуша во Рама, плач и ридање, олелија голема; Рахил плаче за децата свои и не сака да се утеши, зашто ги нема”. Таков е евангелскиот расказ.
Да ги оставиме настрана прашањата, кои овој расказ ги предизвикува кај современиот читател: кои биле овие мудреци, кои дошле од исток да Му се поклонат на Христа? Како да се сфати ѕвездата која ги донела во Витлеем? Кои пророци возвестувале за раѓањето на Спасителот во Витлеем? И така натаму. Со сите овие прашања многу се занимавале учените истражувачи на свештениот текст, и нивните одговори се интересни. Но најглавното во овој расказ е друго. Најглавното - тоа е реакцијата на Ирод. Од историјата ние знаеме дека Ирод, кој царувал во Палестина со согласност на римските окупатори и под нивно покровителство, бил тиран, жесток и несправедлив. Во евангелскиот расказ ни се дава еден вид на вечен образ на судир на земната власт, која за себе нема друга цел, освен да владее и со сите сили да се крепи и оградува себе - од она во што гледа закана и опасност. Колку познато ни е се тоа! Пред се - стравот и сомничавоста на Ирод. Со што, би се рекло, му се заканува на него Младенецот, за чие раѓање не се нашло друго место, освен пештера? Но ете, доволно е, некој - во дадениот случај тоа се таинствените мудреци од исток - да го нарече непознатото, незаштитено, сиромашно дете цар, за да биде пуштен цел механизам на истрага, иследување и гонење. “Тогаш Ирод тајно ги повикал мудреците...” Задолжително тајно, бидејќи овој тип на власт знае дека таа може да дејствува само тајно, и тоа значи - беззаконо, несправедливо. И понатаму: “Појдете - говори Ирод - кај мудреците, внимателно узнајте за Младенецот”. Така го гледаш налогот на иследникот: да се создаде “дело”, внимателно да се подготви, за да нема пропуст во расправата која се подготвува. Потоа лагата: “Известете ме, за и јас да појдам да Му се поклонам...” Колку сме виделе, колку сме преживеале такви лаги, таков удар кој, лека-полека, се подготвува. И најпосле, бесмислената и крвава расправа: за да се уништи еден, да се убијат стотина. Да се дејствува без ризик, упорно и не заради нешто друго, освен заради сочувување на посакуваната власт, во која нема никаква поткрепа, освен насилие, жестокост и готовност да се убие... Светлината на Рождеството и темнината на оваа злобна власт, развратена од страв и сомничавост. “Слава на Бога во височините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја”, а од друга страна, страшната зла волја која никогаш не умира, мртвиот здив на мртвата власт. Омраза кон светлината, кон мирот, кон слободата, кон љубовта. Желба да се искоренат без остаток. Отсуство на секаква жал. Што и е грижа на таа власт за плачот и ридањето на мајките, кои не можат, не сакаат да се утешат?
Две илјади години поминале од тогаш. И истите тие две власти противстојат една на друга на оваа наша многустрадална земја: власта на властољубците, слепите во својот страв, страшните во својата жестокост - и светлата власт на витлеемскиот Младенец. И како целата сила, целата моќ да е во таа земна власт, во нејзината полиција, во нејзините иследувачи, во нејзините бесмртни /стукачи-нема во речник/. Но како и да е: бидејќи секогаш над светот стои и светли ѕвездата, секогаш светли образот на Младенецот во рацете на Мајката. И не замолкнува песната: “Слава во височините на Бога”, не умира надежта, верата, љубовта. Рождеството се случило во минатото: но неговата светлина останува со нас.

   

(Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:

 

 

Посети: {moshits}