Zarko.G.Beseda2

Скопје, 5ти јуни 2022 лето Господово- храм на св.вмч. Димитриј

 

Zarko.Go.Tomos

Недела на Светите Отци од Првиот Вселенски Собор
05 јуни 2022 година

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Благочестиви христијани,

Секој човек, па дури и најнесреќниот, жеден е за животот и постојано бега од смртта. Бог го создал човекот не за да умре и да се претвори во прашина, туку за да живее вечно. Дури и нехристијаните тежнеат кон бесмртноста, иако не знаат по кој пат да стигнат до неа. Човекот е предназначен за живот вечен. Но, злото во светот, гревот и смртта водат постојана борба со живите луѓе, за да ги умртват нивните души и тела.
Во денешниот евангелски текст Спасителот на најкус можен начин ни кажува во што се состои вечниот живот: Во познавањето на Единиот вистински Бог и испратениот од Него - Исус Христос. Што значат овие зборови? Зарем само учените богослови. кои со својот разум ги изучиле Божјите својства и детално го изучиле Христовиот живот, ќе го наследат вечниот живот? Апсолутно не, зашто Христос немал намера да каже вакво нешто во Својата молитва. Апостолите, кои ја слушале оваа Христова молитва, го наследиле вечниот живот, но не заради тоа што со својот ум тие разбрале што сакал да каже Христос со овие зборови, туку затоа што Го познале вистинскиот Бог и испратениот од Него Исуса Христа. Едно е да знаеме и да разбираме нешто, а сосема друго е да го познаваме тоа нешто. Едно е изучувањето и знаењето на богословските книги и разбирањето на комплицираните дефиниции, а сосема друго е чувствувањето на Божјото присуство во своето срце и сознанието дека Бог ни е познат и близок и дека и ние за Него сме познати и блиски. Или, со други зборови, тоа веќе е кажано во светото Еваигелие дека со целата душа и со целото тело треба да почувствуваме дека Бог е нашиот небесен Отец, а ние сме Негови возљубени чеда. Не треба да познаеме колку Бог е силен, како го создал светот и како со него управува, зашто човечкиот разум никогаш не може тоа да го сфати, туку треба да познаеме и да веруваме дека „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што всрува во Него, да не погине, но да има живот вечен" (Јован 3: 16).
Да се запрашаме, се трудиме ли и ние некогаш да стекнеме такво познавање? Нашата денешница и деновите во кои живееме со право ги нарекуваат време на техиката и науката, време на научните достигнувања, време на знаењето и напредокот. Денес има се повеќе учени специјалисти од сите области на животот и науката. Денес постојат податоци за се и сешто, речиси да нема ништо скриено; денес е измерено дури и земјата колку тежи, колкаво е растојанието од земјата до ѕвездите и што уште не. Денес секој родител се грижи што да изучат неговите деца и одвојува колку што е можно повеќе средства, се со цел колку е можно повеќе да бидат совладани земните науки. Но, за познавањето на Бога малкумина се грижат и малкумина тоа си го поставиле за животна цел. Денес многу луѓе, занесени и заслепени од земниот живот, забораваат дека тој наскоро ќе заврши, па упорно не се подготвуваат за вечниот и вистински живот.
Нашата татковина не е земјата, туку небото. Ако го заборавиме тоа свое предназначување, тогаш нашиот живот ќе прилега на кораб во морето, кој има се друго што с потребно за пловење, но нема компас, кој ја покажува насоката на патот, по кој треба да оди животниот кораб, за да пристигне безбедно онаму, каде што треба да отиде.
Ако ние сакаме да бидеме вистински Христови ученици, тогаш, нашите посети во црквата не смеат да бидат бескорисни дела, како што честпопати се случува, туку секое доаѓање во црквата треба да претставува чекор напред во нашата средба со Бога. Само тогаш нашиот живот нема да биде залуден. Секој поминат ден треба да биде наш нов чекор кон Бога. Токму така треба да живееме, зашто само на таков начин можеме да издржиме во исполнувањето на светите заповеди. Значи, да издржиме, а не да паднеме. Зашто, сепак, се зависи од нас. Според Божјата милост, постојано треба да се трудиме времето од земниот живот да не го минуваме залудно и напразно, туку постојано да пребиваме во духовен труд, така што ни часот, ни денот, ни месецот да не ни поминат напразно и залудно, туку во стекнување на вечниот живот и Царството небесно.
Амин.

 

Скопје,5ти јуни  2022 лето Господово- храм на св.вмч. Димитриј

Од Божествената Литургиј во храмот на св.вмч. Димитриј

  Преминпортал (к.т.)

 

Друго:

https://preminportal.com.mk/prebaraj?searchword=%D0%96%D0%B0%D1%80%D0%BA%D0%BE%20%D0%83%D0%BE%D1%80%D0%B3%D0%B8%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8&ordering=newest&searchphrase=all