TViTer191.Hristos.mienje

За миењето на нозете – вовед во Страсната седмица (17.04.2022 15:47)


Има многу симболика во миењето на нозете. Да го разгледаме тоа што е поважно. Онака како ми доаѓаат мислите, да не се преморувам во овие денови.

Општо е познато дека учителот е должен духовно да ги води и поучува своите ученици, пред сѐ, со пример. Бидејќи Епископот е икона Христова, на место и обличје Христово, да се потсетиме и на некои негови задолженија.

„Петар Му рече: ’Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои!‘ Исус му одговори: ’Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене‘. Симон Петар Му рече: ’Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата‘. Исус му одговори: ’На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите‘“ (Јован 13, 8–11).

Господ Христос бара од Петар послушание. Он е дојден да го исполни Домостројот на спасението, а Петар со своето послушание зема полн удел во него. Исто така, со тоа зема удел и во Христовиот начин на живот, со тоа што по примерот на Господ треба да се поучи да им служи на своите браќа, ближни, па макар ерархиски и помали од него.

Петар, за да остане во послушание, треба најпрво да се смири пред тоа дека Господ треба да му ги измие нозете; а потоа, кога Господ му кажува дека е тоа потребно за да има удел со Него, да се смири и пред тоа што Господ му вели „само нозете“. Зошто само нозете?

„Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов“ (Псал. 118, 1). „Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое“ (Псал. 118, 101). „Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите сведоштва“ (Псал. 118, 59).

TViTer191.Hristos.mienje1

Нозете овде ја претставуваат нашата волја. Нашата волја треба да ја насочиме кон исполнување на заповедите Божји. Преку слободно изразената волја може и да се отпадне од Бог. Поради слободно изразената волја не постои претходно одредена судбина и поради неа ние сме единствено одговорни за она што го правиме. Изразувањето на слободната волја, во градење на односот со Бог, е суштински поврзана со лојалноста, верноста. Преку слободно насочената волја кон исполнување на заповедите Божји и градење на личносна заедница со Бог се осветува или очистува и целиот човек. Затоа „само нозете“.

„Боже, биди милостив кон нас и благослови нè; осветли нè со лицето Свое, и помилуј нè, за да го познаат на земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе“ (Псал. 66, 1–2). „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псал. 118, 105). „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја, и ме изведе од длабината на јадот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои; а во устата моја вложи нова песна – похвала на нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господ“ (Псал. 39, 1–3).

Слободната волја правилно и потполно може да се изрази доколку умот и разумот човекови се просветлени. Ако не се, тогаш ќе се потпреме на послушанието кон духовниот отец.

Како Господ денес ни ги „мие нозете“? Кога се причестуваме со Него молитвено и евхаристиски, но само ако притоа се трудиме да ги исполниме Неговите заповеди. Има и други начини, на пример, кога ги крие од јавноста нашите тајни гревови.

Зошто Господ Христос го одбира најчесто Петар за пример? Затоа што тој е прв меѓу еднаквите Апостоли; неговото исповедање на Учителот како Господ Христос, Синот Божји, е каменот врз кој Господ ја утврдува Црквата. Но, за разлика од оние епископи што се повикуваат на неговото првенство, а ги прогласуваат своите многубројни застранувања за безгрешни, Петар постојано греши, но огнено се кае.

Секој Епископ е глава на Црквата само во својата епархија, ама ова свое првенство треба да го остварува не како власт над другите, како што се случува во пракса, туку со пример на соодветно служење на ерархиски помалите од себе.

Но, што се случува во пракса? Епископите прво почнуваат полека да упразнуваат власт над ерархиски подредените, за на крај да си помислат дека можат и над себе еднаквите: ние сме немале право да светиме Миро – само тие имале, и ќе сме требале да го земаме од кај нив; и нашиот „прв меѓу еднаквите“ ќе требало да го спомнува нивниот „прв меѓу еднаквите“, и тоа не само на „Великиот вход“ – каде што е нормално, туку и на „Најнапред спомни го“ – каде што не е нормално, на Божествената Литургија; ама нивниот „прв меѓу еднаквите“ нема да го спомнувал „нашиот“ нигде.  

Според светите Канони на Црквата секој Епископ има право да вари свето Миро. Ограничувањето на тоа право ја одзема полнотата на епископскиот чин и го претвора Епископот во помошен (викарен) Епископ на тој што има право да вари свето Миро. Епископот не може да го пренесе своето право за варење Миро на Поглаварот на Помесната црква, како што тврди еден професор по теологија; тој може само да го делегира тоа право на својот викарен – ако има, а со Поглаварот може само да се договори заедно да го варат; ако го пренесе – станува викарен.  

Сосема е друго прашањето кога се појавила потребата од свето Миро и колку тоа му е потребно на самиот Епископ и во кој случај.

Кога е така за еден локален Епископ, како ли е тогаш кога на цела Помесна црква ѝ се ограничува правото за варење на свето Миро? Тоа е искривување на целата православна еклисиологија.

А епископите се спомнуваат помеѓу себе на Светата Литургија за да ја сведочат својата заедница во Христос, а не за да покажат кој над кого има власт – оти такво нешто нема.

Исто така, не може на една Помесна црква некој од надвор да ѝ го руши пастирскиот однос со паствата и да ѝ се меша во чисто пастирско прашање, какво што е името кое го користи во својата јурисдикција. Или, не смее да нема реципроцитет со имињата во еден договор помеѓу две Помесни цркви; а договорот секако треба да биде писмен, а не устен.  

Секој обид да се наметне власт и туѓа волја над Епископот на локалната Црква, а да не спомнувам над Помесната црква, на крај, се претвора во ерес. Што да правиме – така е устроена самата структура на Црквата – соборно, а не империјалистички.

За нормално функционирање на Црквата потребни се или духовниот авторитет на Поглаварот или смирението на Епископите на локалната Црква, како и искреноста меѓу нив. Ако и тоа го нема, тогаш само Господ ја чува таквата Црква. Лошиот пример, пак, изгледа дека повеќе се шири од добриот, дури и во односите помеѓу Помесните цркви. Фала Му на Господ што ја чува Православната Црква.

Христос им ги мие нозете токму на апостолите, не на некој случаен човек. Он е должен на Своите ученици да им даде директен пример, на себе да почувствуваат што значи тоа да му се служи на ближниот во која било нормална потреба. А покрај тоа, тајната на Преданието во Црквата секогаш се пренесува во личен однос меѓу учителот и ученикот, во послушание.

И ние треба по примерот на Господ да си служиме еден на друг: „Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете“ (Јован 13, 14).

Господи Исусе Христе, помилуј нас!

Митрополит Струмички Наум

 

Извор: МПЦ-ОА