(Обновено)

Недела 23 по Педесетница

Лука 8, 26-39/шеста недела на Лука

Евангелието е еден вид огледало, во кое се огледуваме себеси, и гледајќи се во него, се дотеруваме внатрешно. Како што секоја куќа има огледало, така треба секоја куќа да има и Евангелие, кое сите ќе го читаат редовно и според него „ќе се дотеруваат“. Во денешното Евангелие чувме за едно исцеление на еден демонизиран човек во Гадара, кој долги години живеел без облека, врзан во синџири покрај гробиштата. Допирот со Христос за него бил исцеление и ослободување од демоните, но тоа истовремено било и пораз за демоните и протерување од човекот. Допирот со Христос ја привлекува благодатта и ги прогонува демоните, додека, пак, оддалечувањето од Христа ја прогонува благодатта а ги привлекува демоните. Според начинот на живот се препознава каде има присуство на благодат, а каде присуство на демони. Народот кој се занимава со суеверија, со хороскопи, народ кој оди по бајачи и гатачи, народ кој не пости и не оди на Литургија, народ кој се уништува себеси со многу разводи, прељуба и огромен број абортуси, со тоа покажува дека е далеку од Бога, и дека има искривена вера и искривен живот. Штом е човекот далеку од Бога, далеку од Литургијата на Црквата и од духовниот живот, вообичаено е да паѓа во демонските мрежи, па така, првата и најголема лага во која веруваат овие религиозни луѓе е – дека постои Бог Кој е некаде далеку, а не постои ѓавол, па според тоа, сѐ што ќе ни падне напамет е од нас и е добро. На ѓаволот тоа му е доволно за да нѐ пороби. И веднаш започнуваме со остра критика кон свештенослужителите, дека се дебели, неморални, возат џипови и мерцедеси, воведуваат скапи свеќи и скапи тарифи и тие се виновни што, ете, ние не веруваме и не одиме во црква. Значи, Црквата е составена само од расипани и недостојни луѓе, крајно дискредитирани и компромитирани, кои немаат право да зборуваат за било што и да даваат памет некому. Веќе Црквата во Македонија е доведена на тоа ниво. За било која тема да се зборува, штом еден свештеник ќе се обиде да дава свое мислење, веднаш е напаѓан со папагалските аргументи за мерцедесите, џиповите, тарифите итн. Е сега, во овие услови, кога совеста на државата, односно Светата Православна Црквата е сведена на тоа ниво, да биде маргинална и безначајна, ѓаволот преку своите носители, лесно ќе ни воведе реформи во државата. Ќе се воведат хомосексуални бракови, посвојување на деца од страна на истите, бесплатна промена на полот кај малолетни деца, легализација на секоја перверзија – поимот „грев“ ќе се избрише. Секоја глупост што ќе му падне на ум на човекот, ќе стане реалност. Тогаш многумина ќе повикаат: „Каде е Црквата, каде се владиците и свештениците да кажат свој став?“ А тие, колку и да ја зборуваат вистината, колку и да му ги отвораат очите на народот, постојано ќе бидат каменувани со вечните аргументи: џипови, мерцедеси, тарифници. И нивниот глас ќе биде тотално занемарен, и секоја лудост ќе биде воведена, без никакви пречки. Ете тоа е крајната цел на ѓаволот и на неговите слуги, која постепено ја остваруваат, а ние, бидејќи стоиме далеку од Христос и од Неговата Света Црква, не можеме да го увидиме тоа.

Група научници земале една жаба, и ја ставиле во жешка вода. Жабата веднаш скокнала од водата. Потоа ја ставиле во лонец со студена вода, а лонецот го ставиле на шпорет, и полека почнале да ја загреваат водата. Додека жабата безгрижно си пловела низ водата, без да биде свесна, се сварила. Ете тоа ни се случува и нам денес. Мислиме дека уживаме во некаква слобода, а всушност сме во лонец, кој сѐ повеќе се загрева.

Близината и допирот до Христос единствено може да нѐ ослободи од таа демонизираност, и дури тогаш ќе ни се отворат очите и ќе ги видиме реално работите, онакви какви што навистина сѐ. Христос е тука, во храмот, на секоја Божествена Литургија, и нѐ чека да Го побараме, да Го сретнеме, да се допреме до Него, а ние упорно Му вртиме грб, барајќи непотребни нешта од Него, а не Самиот Бог. Литургијата и духовниот живот, т.е. постот, молитвите, исповедта кај духовникот и неговото раководство ни се единствена можност да се допреме до Христос и да се исцелиме од секоја болест. Да не чекаме, да не го губиме времето, да не фрламе камења по Црквата и по нејзиниот клир, бидејќи овие фрлени камења, најпосле ќе паднат врз нашите глави и ќе нѐ здробат. Да се вразумиме и да се воцрковиме. Црквата е света и секогаш ќе остане света, колку и да има во неа недостојни и грешни свештенослужители. Надвор од Светата Црква, надвор од Литургијата нема Христијанство, а нема ни спасение.

Свештеник Јани Мулев

12.11.2017

 

Извор:https://crkvaveles.wordpress.com/2017/11/12/demoniziran-gadara/