Одговори на Вашите прашања
Прашање од Маријан:
1.Дали е во ред постојано и на секаде низ државата да градиме нови храмови и манастири, а при тоа старите и веќе постоечки да ги забораваме и да ги оставаме да пропаднат на забот на времето и испустени и што како Православни можеме да преземеме околу тоа?
2. Ако може да добиеме повеќе информации за нашите поголеми цркви и манастири, нивната местоположба, историјат и полезност во смисла на светителот чие име го носи црквата или манастирот како и благодатта што ја има црквата или манастирот.
3. Дали треба за секоја молитва што треба да ја практикуваме да се побара благослов од духовник или благослов е потребен само за Исусовата молитва?
4. Пошто не можам да ја пронајдам молитвата при кадење со темјан ќе може ли да ми ја напишете?
Господ по молитвите на својата Пречиста Преблагословена Славна Владичица наша Богородица Дева Марија и на сите светии Ви даде долг живот, здравје, мудрост и сила и понатаму да продолжите со Вашата макотрпна и беспрекорна работа со давање на поуки и одговори на нашите прашања во поучувањето на правата вистина во верата за спасение на нас обичните и верници и Вас свештениците, та со тоа сите заедно да го наследиме Царството Небесно. Амин.
Одговор:
-Зар не знаете дека сте храмови на Светиот Дух? - не прашува св. ап. Павле. Точно, Човекот е создаден да биде храм на Светиот Дух, и каде ќе се најде достојно место, то ест, кај оној што излегол на олтарот на своето срце, таму ќе дојде Бог и живеалиште во него ќе направи. Значи пред се, треба да се трудиме да го градиме храмот Божји во нас, за да не заприлегаме на легендата за Немата црква. А откако ќе станеме достоен дом Христов, ќе научиме, ќе знаеме што е најдобро да Му принесеме. Точно е тоа дека храмовите што се градат треба да бидат полни, и дека акцентот пред се треба да се стави на духовниот подвиг и воцрковување на народот, а потоа на надворешното украсување и доградување. Но, сепак мораме да бидеме внимателни и да се трудиме и на обата плана со надеж дека барем во иднина ќе бидат полни, и да не ја пропуштиме шансата да изградиме, да бидеме креатори и плодотворни, зашто во иднина можеби ќе нема можност за тоа. И ако нашите предци не размислувале на таков начин, и не граделе во слава на Бога, и ние денес немаше да ги имаме овие прекрасни манастири во кои се вложиле многу труд и пари од народот Божји, но и љубов и благодат и сила од Бога.
Така, да се надоврземе за нашите цркви и манастири, би можеле да ги наброиме поглавните со нивните локации, а за подетално, има книга од професорот о. Александар Гиревски за манастирскиот туризам во Македонија, од каде доста подетално ќе се запознаете со духовната историја на манастирите. На пример: Св. Јован Бигорски - Дебар, Св. Георгиј Победоносец - Рајчица, Св. Димитриј - Марков Манастир во Скопје, Успение на Пресвета Богородица - Матка, Лесновски Манастир - Пробиштип, Елеуса и Водоча во Струмица, Св. Наум Охридски, Св. Георгиј Курбиново... и многу други.
- Благословот од духовниот отец е неизбежен за нашиот духовен напредок и тој мора да го следи нашиот духовен живот постојано и да знае во какви води влегуваме, особено во духовниот живот. Не дека е забрането човек да се помоли нешто надвор од молитвеното правило, но сепак духовникот најдобро е да биде известен за таквите работи.
- А молитвата за кадење гласи: Да воскресне Бог и да се распрснат Неговите напријатели, и нека бегаат од Неговото лице оние кои Го мразат. Нека исчезнат како што исчезнува димот, како што се топи восокот пред лицето на огнот; така нека загинат ѓаволите пред лицето на оние кои го љубат Бога и се осенуваат со крсниот знак, и кои радосно говорат: Радувај се, Пречесен и Животворен Крсту Господов, Кој ги прогонуваш Ќаволите со силата на распнатиот на Тебе Господ наш Исус Христос, Кој слегол во пеколот и ја сотрел ѓаволската сила, и Кој Тебе, Крстот Свој Чесен, нам ни Те дарувал Тебе, а за прогонување на секаков противник. О, Пречесен и Животворен Крсту Господов, помагај ми секогаш со твојата света Владетелка, Дева Богородица, и со сите светии во вековите на вековите. Амин!
Ви благодариме на благословот, и продолжете да се молите за нас...+
Друго:
Арх. Рафаил Карелин - Тајната на спасението (4)