МАВРОВО - Во с. Маврово, на брегот на Мавровско Езеро, викендов беше осветена црквата „Св. Никола“, а беше осветен и темелот на манастирските конаци. По половина век, воскресна импозантниот црковен храм, што е достојна замена за црквата „Св. Никола“, која во средината на минатиот век беше потопена при создавањето на Мавровско Езеро. Чинот на осветување го извршија архијереите на МПЦ г. Кирил, г. Агатангел и г. Иларион, со голем број свештенослужители на Полошко-кумановската, Повардарската и на Брегалничката епархија, во присуство на неколку стотина верници и туристи од нашата и од соседните држави.

По осветувањето, во манастирската црква своето судбоносно „да“ го изговорија Јовица Петрески од с. Маврово и Марија Савевска од с. Печково. Нивниот брак го благослови митрополитот г. Кирил. Во непосредна близина на манастирската црква беше поставен и осветен темелот на манастирските конаци. Главен ктитор е Душан Петрески, кој беше иницијатор, креатор и реализатор на грандиозниот црковен храм „Св. Никола“. Манастирските конаци ќе се градат во стилот и традицијата на македонската народна архитектура и ќе располагаат со околу 1.000 квадратни метри корисна површина, а се планира да се изгради за две-три години. (К.К.)