На денешен ден кога нашата земја го празнува 11 октомври како државен празник, Бигорскиот манастир го посетија 120 деца од домот на деца без родители '11 Октомври” од Скопје. Децата заедно со своите наставници и воспитувачи го одбележаа својот патронен празник со еднодневна посета на Бигорскиот манастир и неговиот метох - манастирот посветен на свети Георгиј Победоносец во с. Рајчица.

Групата се поклони на чудотворната икона на свети Јован во манастирската црква и накратко се запозна со историјата на Бигорскиот манастир односно со неговата културна, образовна и духовна улога која во минатото ја имал на овие простори и пошироко, а денес како возобновено духовно светилиште кое сведочи за потрагата на современиот човек во денешно време да најде едно вакво духовно прибежиШте во кое пулсира христијанската православна љубов и монашки светогорски дух.

За групата посетители беше послужена трпеза на љубовта и им беше овозможено да ја посетат манастирската галерија со стари вредни икони и црковни предмети, возобновениот Долни Палат и параклисот посветен на Благовештение и гостинската соба со портретите на старите игумени на Бигорскиот манастир.  Групата го продолжи своето патување кон манастирот на свети Георгиј Победоносец каде се поклони на моштите на свети Георгиј и свети Јован Кукузел.

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица