† ВЕЧЕРНА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ

    Објавено: 08 Декември 2021

„Доброволно испосништво и труд си посакал, богомудри, и рамноангелен и духовен живот на земјата си покажал; а за многубројните подвизи си примил награда - даровите на Светиот Дух, бидејќи си бил пастир на словесното стадо и неисцрпно море на чудеса; и совршенство на свештенството, правило на монасите, вистински пророк на идни (настани), учител на многу народи и нов апостол“ (Стиховна стихира на Вечерна на свети Климент Охридски Чудотворец).

 svklimzimvec2021 1

Прославувањето на споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец започна со празнична Вечерна богослужба, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, на ден 07.12.2021 година, во вечерните часови. Пред исцелителните мошти на нашиот просветител, крстител, патрон и постојан молитвеник, на Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на проротереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен и Молебен на светиот Климент Охридски. На самиот крај, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, пред присутниот верен народ, свештеникот Александар Димоски се обрати со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 svklimzimvec2021 11

презвитер Александар Димоски

 svklimzimvec2021 7


СЛОВО ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТ

 

Ваше Високопреосвештенство,
сечесни отци и браќа – сослужители пред Бога,
драги браќа и сестри.

Трепери срцето мое пред овој свештен и свет собор, онемува јазикот мој и не умее слово да изусти пред овој што сега овде лежи, а некогаш со слово нè дарува и на збор нè научи. Се обидувам да говорам и разбирам дека најдобро е да молчам, зашто што и да изговорам ќе изгледа мало пред големиот учител на Словото, пред нашиот родител во Христа, бидејќи ако имаме и десетина илјади учители во Христа Исуса, сепак немаме многу татковци, бидеќи тој нè роди во Исуса Христа преку Евангелието.


А вие, возљубени мои во Господа, што дојдовде да видите на овој рид? Учител ли во мудроста и наставник во писменоста? Но, пред кого дојдовте да се поклоните? Пред чудотворец и исцелител? Оние што чудотворат и исцелуваат биваат почитувани од своите чеда! Па, пак ќе прашам, каде побрзавте и што сакате да видите? Светител и Архипастир? Да, ви велам, пред нас стои повеќе од десет века и повеќе од тоа ! Бидејќи нашиов отец Климент е од оние за кои Христос кажа во своето Евангелие: Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите вкуќи (Мт. 5, 14 – 16). Нашиов светилник запален од премудроста Божја и од љубов кон сопствениот род, свети надалеку и поради него и ние денес Го славиме нашиот Отец Небесен. Нашиот град на врв планина е посилен од секоја тврдина, бидејќи векови стои и не се разнишува, поставен на добар темел, одбран и скапоцен, Кој ништо не може да Го расколеба.


Онемен од светоста, понизен од чудотворноста, радосен под закрилата, мили мои Охриѓани, јас вечерва овде пред моштите на свети Климент и сум натажен, како да сум во Гетсиманија, онаа вечер кога Господ тргна на доброволно страдње. Ги читам зборовите на блажениот Архиепископ Теофилакт во опширното житие на најсветиот отец наш Климент, и тагувам, бидејќи, сè уште, како и тогаш, сме останале немоќни достојно да го почитуваме најскапоцениот украс на нашата Црква. Кога житието вели: неговото свештено тело, по чест еднакво на душата, преподобно и на преподобен начин воспевано и почитувано, иако и помалку отколку што заслужува, но сепак според силата на неговите почитувачи, беше положено во неговиот манастир , како да го гледам божествениот Теофилакт пред нас на амвонот, да ни ги говори овие зборови. Можеби таа слабост и немоќ се покажува и поради големината на овој што треба да го воспееме и величаме, затоа и реков, колку повеќе барам збор во устава за да го воспеам, толку совеста ме принудува да молчам. Но, возљубени мои, љубовта постојано нè враќа овде пред нашиот светител и заштитник, благодатта не дозволува да се оддалечиме, бидејќи колку и да осатануваме неми, сепак убаво ни е овде и се чувствуваме како Петар на гората Тавор, пред преобразениот Спасител, и единствено што знаеме и можеме да изговориме се токму петровите зборови: Госпди, добро ни е да бидеме овде! (Мт. 17, 4). А ти учителу свет, прими ги нашите поклони, чуј ги нашите зборови, колку и да се мали пред тебе, зашто друга надеж во Бога освен тебе немаме.


Драги браќа и сестри, за свети Климент се пишува и раскажува векови, и кога ќе си спомнеме за него, мислиме дека неговото житие го знаеме, и нема што повеќе да учиме од него, но дали може двапати да се нацрпе иста вода од еден ист сладок извор? Секако дека не, бидејќи таа постојано се обновува и секогаш истекува нова и послатка вода, а колку тоа важи за еден непресушен извор како свети Климент постојано напојуван од благодатта Божја! Колку повеќе зборуваме за него, толку благодатта на радоста се засилува во нас и надоаѓа како вода во длабок бунар. Оној што не копа длабоко по полето на животот, не знае дека во длабочината непресушно извира утехата и радоста во Бога, која ни се дава преку неговите светии. Оној што мисли дека знае сè, останува како птица која чека некој да ја изора животната нива, па да излезе на површината некој црв и да се нахрани. Такви сме и ние кои мислиме дека знаеме сè за свети Климент, дека тој е наш бидејќи е тука во нашиов град, мислејќи дека што и да правиме тој нема никогаш да се одрече од нас. Тоа е и точно, но ние свесно и доброволно, со тоа што не се трудуме да му ја дадеме почитта што ја заслужува, се лишуваме од неговите застапнштва, значи не свети Климент од нас, туку ние од него се откажуваме. Тој е тука, бдее над Охрид, но повеќето чекаме да дојдат неговите два празници во годината, за да дојдеме и да го поздравиме, да му се поклониме и да го помолиме да се застапува за нас, небаре тој има потреба од тоа. Добивме и апостол, и проповедник, и просветител, и маченик, и исповедник; во името на свети Климент добивме неразрушлив бедем пред Бога за нас, за нашата Црква, за нашиов град, за нашиот род и за сите словени, затоа треба и како таков да го почитуваме и постојано да го славиме.
svklimzimvec2021 10
Ваше Високопреосвештенство, најсвет чувару на светиклиментовиот трон, негов наследник во епископството и даровите на Светиот Дух, Вие кои секојдневно овде се среќавате со свети Климент, и не престанувате да живеете во неговото присуство, како и до сега, молете го најсветиот учител, да не се одрекува од нас пред престолот на Бога Вишниот, но да се застапува за нас, како негови чеда и негов род, за сите да се радуваме во Христа: Зашто, што му е подраго на Словото од словото што ги ослободува словесните од безсловесноста, бидејќи и сличното се радува на сличното. АМИН.

 

https://www.dke.org.mk/index.php/3412-2021-12-08-10-27-48?fbclid=IwAR2aztZcs6lfWyBAfNlFXFLD2giZekeqpR-dbVIvKkSl_nmbVrd_kf4P5sI