Свети  Макариј Велики
НАЈЗАБЕЛЕЖИТЕЛНА ПОСЛЕДИЦА НА ПАДОТ Е НЕРЕДОТ КОЈ ВЛАДЕЕ ВО СВЕТОТ

Децата на овој век се слични на пченица која се пушта во решетото на земјата и се просејува преку непостојаните мисли на овој свет, при непрестајното колебање во земните работи, желби и заплетканите световни поимања. Сатаната ги тресе душите и со решето т.е. земни дела го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на падот, од Адамовиот престап на заповестите, лукавиот кнез ја превзеде власта и сите синови на овој век, со непрестајни, лажливи  и колебливи помисли тој ги просејува и ги приведува во меѓусебно спротивставување во решетото на земјата.
Како што пченицата која се просејува непрестајно се превртува и врти во решетото, така и кнезот на лукавството со земните дела ги занимава сите луѓе, ги колеба, ги приведува во сметеност и метеж, наведувајќи ги на суетни помисли, непрестајно лажејќи го и поробувајќи го целиот грешен род Адамов. Бог на апостолите им го претскажал идното станување на лукавиот на нив: Ете, сатаната посака да ве вее како пченица, но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера (Лука 22, 31-32). Овој збор, како и пресудата која Создателот му ја изрекол на Каин: Ќе стенкаш и ќе се тресеш во немир на земјата твоја (Пост. 4, 12), претставува образец и слика за сите грешници. Прекршувајќи ја заповедта и станувајќи грешен, целиот род Адамов невидливо на себе ја примил оваа слика. Луѓето се колебаат со непостојани плашливи помисли, страв, сметености од секаков вид, желби, разновидни уживања. Кнезот на овој свет ја вознемирува секоја душа која не е родена од Бога (т.е. која што е без покајание). Слично на пченицата која постојано се превртува во решетото, тој на многу начини ги вознемирува човечките помисли. Тој се приведува кон колебање, ловејќи ги луѓето со светски измами, телесни задоволства, стравови и сметености.
Покажувајќи дека оние кои што одат по измамите и вољата на лукавиот на себе го носат ликот на Каиновото лукавство, Бог со прекор рекол: Вашиот татко е ѓаволот; а вие сакате да ги исполнувате желбите на вашиот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината (Јован 8, 44). Затоа сиот грешен род Адамов тајно на себе ја носи онаа осуда: „Ќе стенкате и ќе се тресете немирни во решетото на земјата во која ве просејува сатаната“. Како што од едниот Адам по земјата се распространил целиот човечки род, така и една страсна расипаност проникнала во целиот човечки род, така што кнезот на злобата и самиот е во состојба да посее колебливи, световни, суетни и вознемирувачки помисли во сите нас. И како што еден ветер може да го вознемири целиот растителен свет и сето семе, како што една ноќна темнина се простира по сета вселена, така и кнезот на лукавството, како некоја мислена темнина не гревот и смртта, со извесен скриен и суров ветер го сматува и го обзема целиот човечки род на земјата, ловејќи ги човечките срца со колбеливи помисли и светски желби и ги полни со темнината на незнаењето, заслепеноста и заборавот сите души кои не се родени одозгора и кои со мислата и со умот не се преселиле во другиот век, според кажаното: А нашето живеалиште е на небесата (Фил. 3, 20).


Подготвил: Светлана Димовска